Обвинителството: се проверуваат сите околности, Левица тврди дека судијка влијаела врз доказите
Обвинителството вели дека ќе постапи доколку има докази за други лица; Левица тврди дека тетка на осомничениот, судијка Гордана Билеска, вршела интервенции.

Обвинителството повторува дека се проверуваат сите околности во истрагата за насилството врз 26‑годишната Сара од Охрид и дека ќе постапи доколку се појават индиции за други кривични дела или други инволвирани лица.
„Се вршат проверки и се обезбедуваат докази во однос на сите аспекти на случајот. Доколку се утврдат елементи на други кривични дела или во однос на други лица, обвинителството секако ќе постапи." - велат од ОЈО.
Денеска партијата Левица излезе со нови тврдења. Во соопштението тие велат дека располагаат со информации според кои роднина на осомничениот, која е судијка, наводно вршела интервенции за да се влијае врз доказите.
Левица го посочи името на судијката
„Според информациите доставени до Левица, 'Гордана Билеска, судија во Основниот граѓански суд Скопје и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители, е сестра на таткото на Кристијан Корабоски и негова тетка. Токму затоа бараме итно да се утврди дали токму Билеска е тетката спомената во потресното сведоштво на мајката на Сара, во кое се изнесуваат обвинувања за интервенции во болницата со цел да се влијае врз медицинските докази'. - велат од Левица
Во меѓувреме, притисокот врз институциите расте и надвор од партиските соопштенија. За утре во Охрид е закажан протест точно на пладне, на кој граѓаните ќе побараат обвинителството да покаже дека проверките навистина ќе ги опфатат сите аспекти и сите инволвирани лица. На протестот ќе се крене глас и за фемицидите, родово базираното и семејното насилство и институционалната неодговорност.
Фото: прес-материјал од настанот


