Почетна
Македонија

Поднесено обвинение поради смртта на работник во Охрид поради непочитување на прописи

Јавниот обвинител застапува дека непреземањето мерки за заштита довело до фатален пад во лифтовско окно на 12 јануари.

·Македонија
Поднесено обвинение поради смртта на работник во Охрид поради непочитување на прописи

Основното јавно обвинителство Охрид поднесе Обвинителен предлог против 2 физички и 2 правни лица поради смртта на работник на градилиште, пријавувајќи низа кривични дела и неисполнување на мерките за заштита.

Во обвинителниот предлог стои: "Тешки дела против општата сигурност по член 292 став 4 во врска со член 288 став 4 во врска со став 2, Предизвикување општа опасност по член 288 став 5, Повреда на правата од работен однос по член 166 и Непреземање мерки за заштита при работа по член 170 од Кривичниот законик."

Според обвинението, првиот обвинет, одговорно лице во едно од обвинетите правни лица, не постапил според техничките правила за мерките за заштита – предвидени во Законот за градење. Како инвеститор, тој не го заштитил лифтовското окно со заштитна ограда, не го одржувал градилиштето во уредна состојба без непотребен шут и отпадоци, не го обезбедил влезот за да не влегуваат неовластени лица, и не поставил огради на скалите за да се спречат падови.

Пад во лифтовско окно со фатални последици

На 12 јануари, во утринските часови, во зградата влегле четворица работници ангажирани од второто обвинето правно лице, кои носеле дел од мебел. Кога пристигнале на четвртиот кат, еден од работниците се сопнал од кофа оставена во ходникот, изгубил рамнотежа и паднал во окното — отворот во зградата за лифт кој се простира до подрумските простории. Од падот се здобил со многу тешки телесни повреди и починал на лице место.

Во обвинението е вклучено и правното лице што ги ангажирало работниците и неговиот управител, бидејќи свесно не се придржувале кон Законот за работни односи и мерките за заштита при работа. Починатиот работник, Кристијан Љушев, бил ангажиран без договор за вработување, во целосно непријавен работен однос. Му било дозволено да работи како помошник‑монтер без основна обука за безбедност и здравје при работа, без здравствен преглед и без упатства за работа во специфични и ризични услови.

Обвинителството наведува дека работниците работеле врз основа на усмен налог од управителот, без увид и проценка на работната средина, на градилиште со зголемен ризик. Со ваквото непридржување на прописите обвинетите го изложиле и предизвикале опасноста по животот на работникот.

За да се спречат промени во статусот и отуѓување на имотот на правните лица за време на постапката, јавниот обвинител до Основниот суд во Охрид доставил предлог за определување мерка за обезбедување — забрана за статусни промени во двете обвинети фирми.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи