Од 1 декември: боледување без дополнителни испитувања само до петтиот ден
Нов правилник го скратува рбодот без дополнителни испитувања на пет дена; продолжување ќе зависи од дијагностички резултати и специјалистички проценки.

Од 1 декември стапуваат на сила построги правила за издавање боледување: периодот во кој матичниот лекар може да утврди боледување без дополнителни дијагностички критериуми се скратува од седум на пет дена. По петтиот ден, продолжувањето на отсуството од работа ќе зависи од дополнителни испитувања и/или специјалистички прегледи, во зависност од дијагнозата.
Како ќе функционира продолжувањето на боледувањето
Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) потврдуваат дека новиот правилник не значи автоматски повик да се враќаат на работа пациентите по петтиот ден: матичните лекари ќе можат да одлучуваат за боледување до 15 дена, а за подолг период ќе одлучува лекарската комисија на Фондот. За одредени заболувања, пак, ќе биде потребно порано упатување на дополнителни испитувања и проценка.
„Со измените не се скратува правото на боледување, ниту се ограничува неговото времетраење кога постои медицински оправдана потреба“, велат од ФЗО во писмен одговор. Фондот додава дека во медицински оправдани случаи матичниот лекар може да издаде приоритетен упат за побрз пристап до специјалист.
Сепак, правилникот не прецизира секоја практична ситуација: што ако пациентот не може навреме да добие специјалистички преглед, а нема медицинска основа за приоритетен упат? "Самото постоење листа на чекање не претставува автоматска основа за прекин на боледувањето или на правото на надоместок", нагласуваат од Фондот, но не е опишано како ќе се постапува во сите конкретни случаи.
Здруженијата на лекари велат дека дел од нивните забелешки биле прифатени при подготовката на новите критериуми, но остануваат отворени прашања. Претседателот на Здружението на лекари ЗЛОМ, д-р Драган Ѓорѓиевски, укажува дека "за дел од дијагнозите е оправдано пациентите порано да бидат упатувани на лекарска комисија, но дека критериумите за други заболувања треба дополнително да се разгледаат" и дека не биле прифатени сите забелешки на здружението.
Претседателката на Здружението на приватни лекари, д-р Лилија Чулакова Дервишова, посочува дека при контролите на Фондот биле утврдени одредени злоупотреби кај матичните лекари. Таа не очекува големи проблеми при упатувањето на пациентите на дополнителни испитувања или лекарска комисија, но нагласува дека времето на закрепнување се разликува по заболувањата: „Во медицината два и два не се секогаш четири“.
Дел од лекарите тврдат дека сè уште немаат доволно информации за практичката примена на документот. Потпретседателката на ЗЛОМ‑СМ, д-р Мирослава Шевченко, во писмен одговор наведува дека "многу работи сеуште не ни се јасни ни нам како доктори од примарно здравство". На 20 ноември е закажана отворена дебата со Фондот, каде што лекарите очекуваат подетални објаснувања, а Фондот најави и работилници со избраните лекари на 19 и 20 ноември.
Новите правила, објавени во „Службен весник“ на 30 октомври, предвидуваат и построги услови за подолготрајно боледување. За продолжување над 60 дена, по правило, ќе биде потребно конзилијарно мислење од тројца специјалисти или супспецијалисти, кое важи најмногу 60 дена. Исклучоци се предвидени за пациенти со малигни болести, мозочен удар со тешки последици, мултиплекс склероза, политраума и терминални состојби, за кои такво мислење не е задолжително. Предвиденото времетраење за одредена дијагноза може да се надмине кога постои медицинска оправданост, со обновена документација и оценка од лекарската комисија.
За хронични пациенти може да се користат и претходни дијагностички резултати доколку специјалистот ги оцени како соодветни: тие не треба да бидат постари од шест месеци, а радиодијагностичките наоди од една година. Ако во рок од 30 дена по затворањето на боледувањето повторно се појави потреба поради дијагноза од иста група, матичниот лекар треба да поднесе предлог до лекарската комисија, освен кога е потребно болничко лекување за истата дијагноза. Правилникот предвидува и можност за ретроактивно отворање на боледување во определени случаи (обично еден ден наназад), електронско генерирање на извештаи и поединечни олеснувања за тешко болните, неподвижните и хоспитализираните пациенти. Осигурениците кои не се согласуваат со лекарската оценка имаат право на приговор до надлежната лекарска комисија.
Фондот очекува поедноставна постапка и појасни критериуми, но останува отворено прашањето како ќе се обезбеди непречено продолжување на боледувањето за пациентите кои не можат навреме да обезбедат потребни прегледи. Новите правила ќе важат и за постапките за боледување започнати пред 1 декември кои сè уште се во тек.
Фото: прес-материјал од настанот


