ОД 16 НА 20 ГОДИНИ ЗАТВОР: Апелација ја зголеми казната за Илија Панов
Апелациониот суд ја уважи жалбата на обвинителството и ја зголеми пресудата за Панов од 16 на 20 години.

Апелациониот суд од Скопје ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци и ја зголеми затворската казна од 16 години затвор на 20 години за кавадарчанецот Илија Панов (44), кој во јануари 2025 ја уби вонбрачната партнерка Сузана Серенакова (52), потврди кавадаречкото обвинителство.
Во првостепениот процес пред Основниот суд Кавадарци, Панов беше осуден на 16 години затвор. По жалбата на обвинителството, Апелациониот суд од Скопје одлучи да ја зголеми казната на 20 години.
На висината на изречената казна се жалел и осудениот.
Обвинението и фактите поврзани со делото
Панов беше обвинет дека во неутврден момент меѓу 20 и 22 јануари 2025, ја убил Серенакова од Кавадарци. Според обвинението, делото го извршил во станот во кој престојувала Серенакова на улицата Ѓуро Салај во Кавадарци, каде што ќерката ѝ ја нашла мртва.
Панов во декември 2025 беше прогласен за виновен за убиство сторено при семејно насилство. За кривичното дело за кое му се судеше, Убиство од член 123, став 2, точка 2 од Кривичниот законик, предвидена е казна доживотен затвор.
Фото: СДК.МК)