Почетна
Македонија

Од 26 август почнува пријавувањето за субвенциониран студентски оброк

Рокот за пријавување за академската 2026/2027 година е 26–31 август; од октомври ќе има месечни прозорци 1–5.

·Македонија
Од 26 август почнува пријавувањето за субвенциониран студентски оброк

Објавен е јавен повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2026/2027 година: рокот за пријавување за студентите што веќе имаат статус и за оние што ќе се запишат е од 26 до 31 август 2026 година.

Право имаат државјани на Северна Македонија редовно запишани на прв или на втор циклус студии, како и на интегрирани студии на државните или приватните високообразовни установи. Дополнителен услов е студентот да нема месечни приходи по кој било основ повисоки од минималната нето-плата во земјата за тековната година.

Пријавувањето се врши електронски преку платформата на Министерството за образование и наука (МОН). Кандидатите треба да ја пополнат пријавата за стекнување право на субвенциониран студентски оброк и изјавата за точност на внесените податоци и да ги прикачат потпишаните документи во електронската апликација. Студентите што ќе го остварат правото ќе почнат да ги добиваат средствата во месецот што следува по оној во кој аплицирале.

Месечни рокови и повторно остварување на правото

Од октомври пријавувањето ќе се одвива од 1 до 5 во секој месец во текот на академската година. Овој месечен прозорец важи за студентите кои не го оствариле правото по јавниот повик, како и за оние на кои правото им престанало поради неисполнување на некој од условите, а подоцна повторно ги исполнуваат критериумите.

Субвенционираниот студентски оброк изнесува 140 денари дневно и е наменет за купување приготвена храна. Правото може да се користи од понеделник до сабота; неискористениот износ во текот на седмицата останува достапен на сметката до сабота. Правото не може да се користи во периодот од 1 јули до 1 октомври, како и за време на државни празници и други неработни денови.

„За реализација на исплатите МОН склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје. Студентите кои ќе го стекнат правото ќе треба да склучат договор со банката за отворање посебна сметка поврзана со наменска платежна картичка за субвенциониран студентски оброк, без оглед дали претходно биле клиенти на банката“, се вели во соопштението од ресорното министерство. Рокот и начинот на подигање на картичките дополнително ќе бидат објавени.

Дополнителни информации за условите и начинот на пријавување се достапни во јавниот повик на МОН. За прашања поврзани со пријавувањето, студентите можат да се обратат до Секторот за ученички и студентски стандард на електронската адреса subvencioniran.obrok@mon.gov.mk.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи