Почетна
Македонија

Од четврток граѓаните ќе ги имаат личната карта и возачката на мобилниот

Министерот Стефан Андоновски најави апликација која ќе овозможи селективно споделување податоци преку еднократни QR-кодови.

·Македонија
Од четврток граѓаните ќе ги имаат личната карта и возачката на мобилниот

Граѓаните од четврток ќе можат на својот мобилен телефон да ги имаат своите лична карта и возачка дозвола, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во пресрет на презентацијата на новата апликација.

Апликацијата ќе функционира како електронски паричник со еднократни QR-кодови

Апликацијата ќе биде промовирана в среда, а од четврток ќе почне официјалната примена на електронскиот паричник, рече Андоновски. Тој објасни дека целта е граѓаните да можат да се легитимираат без да ги откриваат сите податоци од пластичната лична карта или возачка дозвола.

Според министерот, корисниците ќе можат сами да одбираат кои податоци ќе ги споделат, а размената ќе се врши преку QR-код генериран за еднократна употреба. Како што нагласи Андоновски: „На пример, кога сакате да се легитимирате во банка, бар или друг локал, нема да мора да ги покажувате сите податоци од личната карта. Ќе можете сами да изберете кои податоци сакате да ги споделите, на безбеден начин. Податоците ќе се споделуваат преку QR-код, кој се генерира за еднократна употреба. Кодот се скенира, а другото лице ги добива податоците само доколку вие го дозволите тоа. По 10 до 15 секунди, QR-кодот истекува и не може повторно да се употреби".

Андоновски посочи дека е посветено големо внимание на безбедноста на апликацијата и дека ова е почеток на процес кој треба да нè доведе до европскиот дигитален паричник и целосна дигитализација на документите.

Министерот изрази надеж дека со текот на развојот на мобилниот паричник ќе се додадат и нови услуги, можности и документи за граѓаните.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи