Од првачиња до факултет: Иселувањето ги празни училишта и ги гаси занаетите
Секоја нова учебна година носи помал број првачиња, додека масовното иселување остава празни амфитеатри и работилници.

Секоја нова учебна година се отвора со видливо помалку запишани првачиња, а брановите на иселување одамна ги задфатија и погорните генерации. Средните училишта бележат поретки паралелки, а амфитеатрите на факултетите не се повеќе полни како што беа претходните децении.
Сѐ поголем број млади луѓе одлучуваат да ја напуштат земјата — често со цел подобар животен стандард, поквалитетно образование или појасна перспектива за работа. Пакување куфери за подобри услови станува секојдневна сцена, а не исклучок.
Исчезнувањето на практичните вештини
Оваа масовна миграција веќе влијае врз домашната економија: недостигот на кадар се чувствува во речиси сите стопански и општествени гранки — од здравството, преку угостителството, до индустријата. Најостра, сепак, е кризата во занаетчиските професии.
Интересот за стручните училишта и профилите како водоинсталатери, чевлари, електричари, столари, автомеханичари или градежни работници падна на историски низок нивo. Старите мајстори полека заминуваат во пензија, а нема кој да ги наследи нивните работилници.
Додека пазарот на труд сѐ повеќе бара практични вештини, новите генерации сѐ поретко се насочуваат кон занаетите — што отвора итно прашање: кој ќе ги обезбедува основните услуги во општеството за само неколку години?
Фото: прес-материјал од настанот