Почетна
Политика

Одморите ги закочиле разговорите за надминување на спорот со Бугарија

Муцунски вели дека разговорите ќе се рестартираат во следните недели; назначен е нов амбасадор во Софија.

·Политика
Одморите ги закочиле разговорите за надминување на спорот со Бугарија

Колективните годишни одмори во Брисел и кај државите-членки на Европската унија неколку недели го замрзаа дијалогот за откочување на европската интеграција на Македонија.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека очекува разговорите да се рестартираат во идните неколку недели, но не можеше да потврди дали од Брисел или Софија веќе има јасен став дали уставни измени со одложено дејство се прифатлива опција за решавање на спорот. Владата повторно го отвори прашањето дека во Преговарачката рамка со ЕУ нема член за времето на влегување во сила на уставните измени.

Гаранции и реципроцитет

„Јас сакам да нагласам дека позиците на нашата држава се апсолутно јасни, дека очекуваме систем на гаранции од европските институции, очекуваме почитување на реципроцитетот кога се во прашање човековите права и очекуваме да има решение кое ќе биде насочено кон заштита на нашите позиции поврзани со нашиот јазик, култура и историја“, изјави Тимчо Муцунски.

Муцунски ги повтори црвените линии на владата, но додаде дека во интерес на земјата е да се дојде до одржливо решение. „Имаме дијалог со сите засегнати страни во овој процес. Ние, суштинската, која што го водиме тој дијалог, со земјите-членки на ЕУ, со институциите на ЕУ, коишто се насочени кон изнаоѓање на решение, во рамките на тие позиции коишто владата ги има претставено пред јавноста. Штитејќи ги националните интереси, но секогаш разбрајќи дека е потребно, во наш интерес е, да са најде некое одржливо и праведно решение“, рече Муцунски.

Шефот на дипломатијата информира дека кариерниот дипломат Крум Ефремов, кој моментално ја врши функцијата директор на Директоратот за економска дипломатија, заврши постапката за упатување и наскоро треба да ја преземе позицијата нов амбасадор на Македонија во Бугарија, со седиште во Софија.

Како што беше посочено, од вкупно 59 конзуларно-дипломатски претставништва, во моментов без шефови на мисијата се 11 амбасади и конзулати, а во следните шест месеци мандатите на уште 6–7 амбасадори ќе истечат.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи