Огромни пожари го опколија Спокен, Вашингтон — масовни евакуации и прекини во снабдувањето
Три пожари во и околу Спокен уништиле објекти, предизвикале евакуации и оставиле илјадници без струја.

Во и околу градот Спокен, во сојузната држава Вашингтон, беснеат три големи шумски пожари кои уништиле објекти, предизвикале масовни евакуации и оставиле десетици илјади домаќинства без електрична енергија додека екипите се борат со пламените и со пожарите кои го зафаќаат инфраструктурниот појас.
„Во Спокен, во американската сојузна држава Вашингтон, штотуку дојде до опасна промена на насоката на ветерот, што е видливо и на радарските снимки, додека во областа се развива голема катастрофа предизвикана од шумски пожари“, напиша вчеравечер на „Линкдин“ експертот за временски услови и клима Даниел Свејн. Пожарите и натаму беа активни во раните утрински часови, а гувернерот на Вашингтон, Боб Фергусон, претходно прогласи вонредна состојба.
Особено опасен е пожарот „Олд Трејлс“, соопштија претставници на Одделот за природни ресурси на Вашингтон. Пожарот се проширил на околу 3.000 акри, односно повеќе од 1.200 хектари, и оштетил повеќе објекти додека се шири кон подрачја каде населбите граничат со шумска и друга дива вегетација.
Што го поттикнува ширењето?
Гувернерот Фергусон ги посочи рекордната суша и силните ветрови како главни причини за создавање на исклучително опасни услови; воведена е и забрана за палење оган на територијата на целата сојузна држава. Податоците од американскиот систем за следење на сушата покажуваат дека источниот дел на Вашингтон веќе неколку недели се соочува со умерена до екстремна суша, што влијае на околу 1,8 милиони жители.
Националната метеоролошка служба издаде предупредување за квалитетот на воздухот во повеќе окрузи поради густ чад од пожарите. Концентрацијата на ситни честички ПМ2,5 може да достигне нивоа опасни за здравјето, особено во подрачјата што се наоѓаат во правецот на ветрот од активните пожари во Вашингтон, Орегон и Британска Колумбија.
Властите предупредуваат дека нови бранови чад може да го зафатат регионот, вклучително чад пренесен од пожарите во канадската провинција Британска Колумбија. Локални пораки за итни ситуации и објави на социјалните мрежи информираа дека за северозападните делови на Спокен и околните заедници се на сила наредби за евакуација.
Фото: Принтскрин / Икс/ Ворлд сорс њуз