Почетна
Македонија

ОЈО ГОКК и БЈБ дел од меѓународна операција — разбиена транснационална шема за инвестициски измами

Меѓународна операција доведе до седум апсења, 17 претреси и над 100 запленети сервери.

·Македонија
ОЈО ГОКК и БЈБ дел од меѓународна операција — разбиена транснационална шема за инвестициски измами

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност (БЈБ) беа дел од меѓународна операција насочена кон разбијање транснационална мрежа која вршела инвестициски измами преку интернет.

Апсења, претреси и заплени

Во координираните активности кои ги спроведоа надлежните органи во неколку земји беа уапсени седум осомничени, извршени беа претреси на 17 локации и запленети повеќе од 100 сервери и други електронски докази. Финансиската штета од измамите се проценува на над четири милиони евра, а потенцијални жртви се идентификувани во најмалку 50 држави.

Операцијата била спроведена со поддршка и координација на Европол и Европравда, а во неа, според досегашните информации, учествувале органи од Германија, Кипар, Финска, Албанија, Израел, Косово и Северна Македонија. Истражувањето почнало во 2022 година по пријава од германски пар кој не можел да ја повлече заработката по вложувањето преку онлајн платформа.

Истражителите утврдиле дека сторителите ветувале големи и брзи придобивки преку тргување со криптовалути, странски валути и акции. „Откако жртвите ќе уплателе мала сума пари, им била прикажувана голема заработка, со што платформата изгледала легитимно“, се вели во соопштението.

Надлежните истакнуваат дека лажните брокери вршеле психолошки притисок за да ги натераат жртвите да вложуваат дополнително, а при обиди за повлекување користеле тактики за одложување на исплатата. По четиригодишна истрага, во првата акција, спроведена на почетокот на септември, беа извршени две апсења и запленета голема количина докази. „По анализата на овие докази, истражителите идентификуваа уште седум осомничени, вклучително и менаџери на кол-центри кои се користеле за убедување на жртвите да вложат повеќе пари. Надлежните органи организираа уште една меѓународна акција, при што беа уапсени дополнителни осомничени, а беа запленети докази и парични средства“, се наведува во соопштението.

Анализата открила и дека компанија со седиште во Кипар и Израел обезбедувала лажни веб‑страници што ги користеле криминалните групи за измами. Исто така се идентификувани осомничени клиенти на таа компанија во Албанија, Косово и Северна Македонија, за кои постојат сомнежи дека управувале со измамнички кол‑центри. Седуммина осомничени се уапсени заради предавање или екстрадиција во Германија.

Во официјалното соопштение е наведено дека меѓународната соработка била клучна за успехот на акцијата. Европравда овозможила реализација на европски истражни налози за апсење и замрзнување имот и ги координирала судските дејствија од своето седиште во Хаг, додека Европол спровел обемна анализа, ги споредил податоците со своите бази и распоредил експерти во Албанија и Косово за поддршка на дигиталната форензика и непосредни проверки на базите на податоци на денот на акцијата.

Фото: Архива

Поврзани написи