Почетна
Македонија

Околу 70 волонтери во битолската болница чекаат вработување

До Министерството за финансии е поднесено ново барање за согласност, но вработувањата ќе зависат од финансиската состојба на болницата.

·Македонија
Околу 70 волонтери во битолската болница чекаат вработување

Околу 70 лица кои досега работат како волонтери во Клиничката болница во Битола се уште чекаат дали ќе добијат редовно вработување. До Министерството за финансии е поднесено ново барање за согласност, но реализацијата на вработувањата ќе зависи од финансиската состојба на болницата.

Станува збор за околу 70 медицински и немедицински лица кои веќе осум месеци работат без никаков надомест. До крајот на минатата година тие работеа со договор на дело, но за нивно вработување не беше добиена согласност.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, потврди дека постапката е повторена и објасни што е побарано од управата на болницата. „Во разговор со Клиничката болница побарав да го констатираат пресекот и да поднесат ново барање. Мислам дека тоа е изготвено и поднесено до Министерството и ќе го следиме понатаму. Тоа зависи од финансиски средства во Болницата. Но мојот став е многу едноставен. Во земјата не треба да има договори на дело, тие треба да бидат само за дело или привремени работи, но не и замена за работен однос“, рече Клековски.

Прашањето за статусот на волонтерите беше отворено пред дваесетина дена, за време на посетата на премиерот Христијан Мицкоски и министерот Клековски на Клиничката болница во Битола, кога еден граѓанин пријде и пред камерите праша што ќе се случи со волонтерите кои со месеци работат без надомест. „Сакав да прашам што ќе биде со вработените кои работат со волонтерски договор во Клиничката болница Битола, без никаков надомест“, праша граѓанинот. „Еве ќе ви одговорат, и министерот и директорката се тука“, рече Мицкоски.

Клековски тогаш ветил дека ќе го разгледа случајот. Дваесетина дена подоцна болницата поднесе ново барање, но сѐ уште е неизвесно колкумина од волонтерите ќе добијат редовен работен однос, во време кога здравствениот систем во земјата се соочува со недостиг од кадар и сè повеќе здравствени работници заминуваат во странство.

Емилија Мисирлиевски

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи