Почетна
Свет

ОН повторно повика на укинување на американското ембарго врз Куба, Северна Македонија гласаше „против“

Поддршката за укинување на ембаргото е намалена во однос на минатата година; С. Македонија и уште неколку земји се „против“.

·Свет
ОН повторно повика на укинување на американското ембарго врз Куба, Северна Македонија гласаше „против“

Генералното собрание на Обединетите нации денеска усвои резолуција со која се повикува на укинување на американското економско ембарго врз Куба. За документот гласаа 130 земји, 17 беа „против“, а 25 се воздржаа; тоа е значително помалку поддршка во однос на минатата година, кога 165 земји гласаа „за“, седум беа „против“ и 12 беа воздржани.

Меѓу земјите што гласаа „против“ е и Северна Македонија. Во таа група беа и Босна и Херцеговина, Колумбија, Костарика, Еквадор, Литванија, Мароко, Парагвај и Словенија. Неколку западни земји, меѓу кои и Германија и Италија, за првпат по многу години се воздржаа.

Промената во моделот на гласање следеше по засилените дипломатски напори на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ги убеди другите држави да се спротивстават на резолуцијата или барем да се воздржат.

Кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Родригез, пред гласањето ги обвини Соединетите Американски Држави (САД) дека водат економска војна против неговата земја, оценувајќи дека Куба не претставува закана. Американскиот претставник во ОН, Мајк Волц, ги повика земјите-членки да не ја поддржат резолуцијата, тврдејќи дека кубанската влада го користи гласањето за политичка пропаганда; дебатата кулминираше со остар вербален судир меѓу Волц и Родригез, што дополнително ги истакна тензиите меѓу Вашингтон и Хавана.

Последици и контекст

По гласањето, Мајк Волц изјави дека е задоволен што повеќе земји, вклучително и големи економии, ја промениле својата позиција. Иако резолуциите на Генералното собрание не носат правни обврски, тие ја отсликуваат позицијата на меѓународната заедница по прашавањето.

Американското ембарго врз Куба е воведено во 1960 година, по револуцијата предводена од Фидел Кастро и национализацијата на имотот на американските граѓани и компании. Односите меѓу двете земји понатаму се влошија откако администрацијата на Доналд Трамп најави царини и други мерки против држави кои ѝ продаваат или испорачуваат нафта на Куба. Овие чекори придонесоа за прекини во снабдувањето со гориво и електрична енергија на островот и имаа последици врз основните услуги, вклучувајќи водоснабдување и телекомуникации.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи