Почетна
Македонија

Општина Битола ги прошири секторите и одделенијата во администрацијата

Советот го усвои новиот распоред — бројот на сектори се зголемува од 6 на 10, а на одделенија од 19 на 27; опозицијата тврди дека ќе создаде дополнителни раководни места.

·Македонија
Општина Битола ги прошири секторите и одделенијата во администрацијата

Со одлука на Советот на Општина Битола се спроведува нова систематизација на општинската администрација, при што бројот на сектори и одделенија е зголемен. Наместо досегашните 6 сектори ќе има 10, а бројот на одделенија се зголемува од 19 на 27.

Опозицијата на седницата оцени дека измените ќе доведат до отворање на дополнителни раководни места и ќе овозможат вработување партиски кадри, наместо да се насочат средства кон решавање конкретни општински проблеми.

„Се воведуваат нови раководители на сектори. Ќе дојде до тоа, една третина од вработените во Општина Битола да бидат на некаква раководна позиција, ќе имаме околу 40 раководители на сектори и одделенија… Ве уверувам дека ова ќе ја оптовари дополнително општинската администрација со повеќе од 200.000 евра, што сметам дека во услови кога не ни се решени проблемите со дупките по улиците и квалитетниот јавен превоз, ова не е во ред. Ќе дојдеме како во мајтапот заменик на заменикот, заменик-директорот на директорот, сега да ни се случува и во Општина Битола“, рече советникот Петар Николовски од СДСМ.

Советникот Миле Трајковски од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ посочи дека според досегашната систематизација имало околу 20 раководни позиции, а со новата структура бројот се зголемува на 38.

Од локалната власт образложија дека целта на реорганизацијата е усогласување со нови законски решенија и децентрализација на одговорностите, односно намалување на концентрацијата на моќ кај една служба или кај еден раководител.

Одлуката сега треба да се спроведе на оперативно ниво: службите ќе ги ускладуваат описите на работни места и линиите на надлежност за да ги интегрираат новите сектори и одделенија.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи