Општина Карпош воведе дрон во инспекцискиот надзор
Дронот е активен во Секторот Инспекторат, а четворица службеници завршија обука и добија сертификати.

Општина Карпош воведе беспилотни летала во инспекцискиот надзор со цел побрзо и поефикасно следење на состојбите на терен.
Четворица вработени во општинската администрација завршиле обука и добиле сертификати за управување со беспилотни летала: градежните инспектори Душко Андонов и Жарко Радички, Јованче Цветановски од Одделението за екологија и енергетска ефикасност и камерманот Саше Трајковски.
Дронот веќе е ставен во употреба во Секторот Инспекторат. Од Општината велат дека технологијата ќе овозможи полесен пристап до тешко достапни локации, подобра визуелна документација и попрецизен увид при инспекциските постапки.
Кој ќе го користи и следни чекори
Беспилотното летало ќе го користат инспекторите на кои им е потребен ваков вид теренски надзор, а во иднина неговата примена може да биде проширена и во други сектори.
Од Општина Карпош оценуваат дека со воведувањето на дроновите се отвора можност за помодерен начин на следење на урбанистичките состојби, инфраструктурата, јавните површини и животната средина.
Фото: прес-материјал од настанот


