Општина Тетово очекува усвојување на ДУП за Попова Шапка, Касами вели обезбедено мислење од ДЗС
Градоначалникот Билал Касами вели дека техничките препреки се отстранети и дека има координација со Министерството за транспорт.

Општина Тетово најавува дека долго најавуваниот Детален урбанистички план (ДУП) за Попова Шапка конечно може да тргне напред, откако, според градоначалникот Билал Касами, е добиено позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување. Тој рече дека пречките кои ја кочеле постапката се надминати и дека има и координација со Министерството за транспорт.
Касами: техничките согласности се обезбедени, дивоградбите нема да се легализираат
„Конечно добиеме позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување. Веќе имаме договор со Министерството за транспорт, сме во блиска координација и ни е ветено дека ако обезбедиме позитивно мислење од Дирекцијата дека ќе имаме одобрување и од страна на Министерството“, изјави градоначалникот Касами.
Точката за ДУП-от беше ставена на дневниот ред на последната седница на Советот на Општина Тетово под наслов „Предлог-одлука за конечен Предлог на Урбанистички план вон населено место – Викенд-населба на СРЦ Попова Шапка“, но беше повлечена поради тоа што сè уште се чекаа согласностите од повисоките државни институции.
Еден од најспорните сегменти е викенд-населбата: иако градбите таму почнале според урбанистички план од 1980-тите, во последните две децении на тој простор се појавија многу викенд-куќи и други објекти како дивоградби. Од 2011 до 2018 година до Општина Тетово се поднесени вкупно 120 барања за легализација.
Од Секторот за урбанизам на Општина Тетово велат дека „од нив, 49 предмети се завршени и спроведени, додека 71 предмет сè уште се во постапка. Кај најголемиот дел од предметите што се во тек, постапките не се завршени поради нерешени имотно-правни односи. Помал дел од предметите, кај кои не се исполнети условите за добивање решение за легализација, се во фаза на жалбена постапка пред надлежните повисоки институции.“
Заедницата на сопственици на викендички предупредува дека евентуална нова дозвола за градба ќе доведе до проширување на населбата и ќе побара дополнителна инфраструктура: посилна електрична мрежа, поголеми количини вода за пиење, асфалтирање на улици и нови паркинзи. „Веројатно во Општината имаат во план дека за ова ќе треба повеќе инфраструктурата, канализација, струја. Ние во зима имаме поголеми дефекти на мрежата. Паѓа системот бидејќи има многу викендици, а капацитетот на струја е мал, и со тоа имаме голем проблем“, вели Хавзи Ризвани од Здружението на граѓани Попова Шапка.
Касами нагласи и дека се преземаат активности за намалување на сообраќајните и паркинг-проблеми во зимската сезона: во тек е изградба на нов пристапен пат од селото Лисец, кој според него ќе биде готов до почетокот на следната зимска туристичка сезона.
Фото: СДК.МК)


