Почетна
Македонија

Осум приведени во акција за шверц на цигари и непријавени лекови, осомничен цариник

Обвинителството соопшти дека при претреси биле одземени големи суми пари и бројни медикаменти без дозволи.

·Македонија
Осум приведени во акција за шверц на цигари и непријавени лекови, осомничен цариник

Осум лица — меѓу кои двајца турски државјани — се приведени во дводневна акција насочена против група сомничена за криумчарење цигари, непријавени лекови и производи за подобрување на сексуалната функција, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Постапката е иницирана по кривична пријава на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи.

Во наредбата за спроведување истражна постапка јавниот обвинител ги наведува осомничените: М. С. (52) од Тетово, З. С. (42) од Гевгелија, А. С. (38) од Скопје, Б. Љ. (46) од Тетово, Е. А. (55) од Скопје, Д. Џ. (46) од Тетово, и двајцата од Р.Турција — Б. А. К. (34) и С. С. (42). Обвинителството посочува дека приведувањата следеле по докази добиени со анализа на податоци екстрахирани од мобилен телефон на првосомничениот, одземен при претрес во јануари годинава.

Пронајдени големи износи готовина и разновидни медикаменти

При претресот во јануари во домот на првосомничениот биле пронајдени поголеми количини цигари и големи суми пари во повеќе валути: 30.000 канадски долари, 35.000 австралиски долари, 12.950 евра и 69.000 денари. Во вчерашните претреси во станбен објект биле најдени и 86.200 евра скриени во две метални сеф-каси во спуштен плафон и 16 плочки со златна боја, додека во неговото возило биле одземени дополнително 6.465 евра и 62.000 денари.

Обвинителството информира дека осумтемина им се ставаат на товар кривичните дела: Криумчарење; Избегнување на плаќање акциза; Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама; Повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма; Производство и пуштање во промет штетни средства за лекување; Давање поткуп; Примање поткуп; и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Според досегашните сознанија, во периодот 2024–2026 година првосомничениот преку царинската линија пренесувал непријавени акцизни стоки — пред сѐ цигари — избегнувајќи ја царинската контрола. Истрагата покажала дека во криумчарењето учествувал и царински службеник на граничниот премин Богородица кој го информирал за своите смени, лентата на распределба и за засилените контроли, овозможувајќи непречен премин на стоката. Криумчарените цигари биле пуштани во промет без акцизни марки, а дел од осомничените ги купувале и препродавале иако знаеле дека потекнуваат од криумчарење.

Дел од истрагата се однесува и на нелегална трговија со лекови и други производи. Првосомничениот и третоосомничениот, според Обвинителството, неовластено увезувале, складирале и нуделе на продажба лекови и средства за подобрување на сексуалната функција. При претресите биле одземени препарати за третман на дијабетес, срцеви и кардиоваскуларни заболувања, невролошки и психијатриски состојби, ревматолошки и автоимуни заболувања, заболувања на дишните патишта и воспалителни заболувања на цревата, како и антибиотици, кортикостероиди, хормонски препарати, инсулини, антикоагуланси и бензодиазепини. Пронајдени се и „kamagra oral jelly“ и други производи за сексуална потенција во форма на таблети, гелови, пасти, мед и чоколади.

„Со преземените дејствија е причинета штета на Буџетот на државата по основ на избегнати царински давачки, акциза и данок на додадена вредност во значителен износ. Истовремено, со неовластеното пуштање во промет на лекови и други средства за лекување без потребните одобренија, упатства и лекарски рецепт, била создадена опасност по животот и здравјето на луѓето”, вечи Обвинителството за оваа голема истрага. Понатаму, постои основано сомнение дека првосомничениот му ветил парични средства на царинскиот службеник да не изврши контрола на возило во кое се пренесувале цигари, а посредувал шестоосомничениот, турски државјанин.

Сите одземени предмети и парични средства значајни за постапката се одземени и ќе бидат предмет на вештачење и анализа. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за притвор за три лица, за три други предложил мерки на претпазливост, а двајца од осомничените во моментот се недостапни на органите на прогонот.

Фото: МВР)

Поврзани написи