Оваа родителска навика го прави детето насилник
Секојдневни навики — од понижување до „само шега“ — можат да го зголемат ризикот детето да стане насилник; експертите советуваат како да реагирате.

Постојат безброј совети за тоа како да се биде добар родител, со заедничка цел — одгледување љубезни и емпатични деца. Токму затоа сознанието дека вашето дете малтретира или вознемирува други врсници може да биде шок и големо разочарување за секој родител.
Покрај тоа, прашањето е почесто отколку што многумина мислат: дури 20% од учениците вршат некаков вид врсничко насилство во текот на основното и средното образование, покажуваат податоците од угледниот американски весник за јавно здравје. И насилниците и жртвите имаат повисоки стапки на проблеми со менталното здравје и почеста веројатност да се соочат со тешкотии во училиштето и во животот; насилниците подоцна често се соочуваат со делинквенција, додека жртвите се мачат да се вклопат во општествените интеракции како што стареат.
Затоа е клучно да се разбере зошто децата стануваат насилници и како секојдневните родителски навики можат ненамерно да го поттикнат тоа, уште пред проблемот да излезе од контрола.
Кои родителски навики ја потхрануваат агресијата?
Според клиничкиот психолог Ембер Торнтон, малтретирањето најчесто е директна последица на длабока несигурност. „Децата обично малтретираат други деца за да се почувствуваат помоќни или да добијат поголема контрола. Ова најчесто се случува кога тие чувствуваат лична несигурност или сомнеж во себе, но може да произлезе и од проблемите со емоционалното изразување“, вели Торнтон. „Ако детето е луто, бесно или вознемирено, тоа може да го истури својот револт врз друго дете само за да се почувствува подобро, бидејќи нема развиено подобар начин да се изрази.“
Секојаш кога родителот ќе го остави детето да се чувствува невидливо, понижено или омаловажено, директно го зголемува ризикот детето да развие насилно однесување. „Тоа може да биде отфрлање или поништување на детските чувства, остри казни или сурови критики, сите тие нешта прават децата да се чувствуваат немоќно и безвредно“, објаснува Торнтон. „Потоа тие се обидуваат да ја надоместат таа моќ на други начини, најчесто малтретирајќи ги другите за да си ја вратат сопствената важност.“
Родителите мора да внимавaт и на однесувања облечени во „безопасен хумор“ — коментари од типот „само се шегувам“ или „не биди толку чувствителен, тоа е само шега“ може да нанесат поголема штета отколку што се мисли.
Динамиката во домот е исто така пресудна. Советничката за ментално здравје Анита Пауел нагласува дека децата кои се насилници често ја копираат негативната динамика меѓу луѓето што имаат позиција на моќ. „Кога децата доживуваат вакви обрасци од родителите без никаков разговор за поправање на штетата, ним им останува само да ги прифатат тие модели како нормален начин на комуникација со светот“, вели Пауел.
Истражувањата потврдуваат: кога родителите поставуваат цврсти граници, но се топли и љубезни — наместо да бидат попустливи, рамнодушни или премногу агресивни и авторитетни — шансите децата да усвојат насилство се минимални.
Ако веќе забележите насилно однесување кај вашето дете, психологотите препорачуваат да не се оди веднаш на казнување, туку да се следат овие чекори:
- Разберете ја перспективата на детето. Разговарајте со длабока љубопитност и грижа, покажувајќи дека го сфаќате сериозно проблемот.
- Истражете го внатрешниот свет. Прашајте што точно чувствувал и кои мисли го натерале да постапи така.
- Обезбедете стручна помош. Понекогаш детето има потреба од терапија за да се избори со насобраниот бес, анксиозност или да научи подобри начини на комуникација со врсниците.
„Детето кое се чувствува доволно безбедно да ги препознае и изрази своите емоции има многу мали шанси да стане насилник. Насилните деца всушност во душата се чувствуваат крајно невидливо и немоќно. Тие добиваат вистинска моќ дури тогаш кога некој навистина ќе ги сослуша, ќе ги види и ќе ги вреднува“, заклучуваат експертите.
Фото: прес-материјал од настанот