Пациентите не пријавуваат корупција во јавното здравство поради недоверба и недостиг од информации
Експерти од ЕССЕ бараат транспарентност, јасни процедури и вклучување на граѓаните по серија јавни трибини

Пациентите во јавното здравство ретко пријавуваат коруптивни практики поради недоверба во системот, неинформираност и чувството на ранливост, заклучија учесниците на серија јавни трибини.
Трибините со наслов „Корупција во здравството – да зборуваме отворено“, кои ги организираше организацијата ЕССЕ, ги собраа пациенти, здравствени работници и претставници на граѓанскиот сектор. На нив беа наведени вообичаени неформални практики: барање побрз термин кај специјалист, избор на конкретен доктор, добивање болнички кревет или операција без месеци чекање.
Што предлагаат експертите
На трибините беше нагласено дека мерките треба да ја вклучат и јавноста, и здравствениот персонал, и надлежните институции, а да бидат насочени кон конкретни решенија. Барањата се насочени кон јасни и јавни ценовници и списоци на услуги кои ги покрива Фондот за здравствено осигурување кај специјалистите, кај матичните гинеколози и во здравствените домови, како и транспарентни листи на чекање за да се намали можноста за злоупотреби.
Дарко Антиќ – ЕССЕ: "Она што го истакнуваат и здравствените работници и граѓаните е транспарентност - во смисла сите ценовници, сите услуги кои се покриени од ФЗОМ да бидат јасно назначени кај специјалисти, кај матични гинеколози, во здравствени домови итн...Но, и транспарентност во делот на листите на чекање со цел да нема потенцијална можност за злоупотреба"....
Истражувањата презентирани на трибините покажуваат дека ваквите практики се чести, но ретко се пријавуваат. "Она што е најголем проблем е недовербата во системот дека после пријавување на одредена појава на корупција некој соодветно би постапил, а другиот аспект е недостатокот на информации и помеѓу здравствените работници и помеѓу граѓаните и непостоењето на јасни правила, процедури и постапки кои треба да бидат проследени"..., додаде Антиќ.
Учесниците истакнаа и дека Министерството за здравство ја промовираше дигиталната алатка за пријавување вакви случаи пред една година, но од промоцијата до денес не е објавена информација дали се регистрирани неправилности и какви мерки се преземени.
Фото: прес-материјал од настанот


