Почетна
Македонија

Парите во ѕидот беа лично мои, ги собирав за стари години — сведочеше мајката на Ѓоко Ристов

Донка Ристова тврди дека парите, 350.000 евра, ги собирале од продажба на земјоделски производи и ги криеле во ѕидна ниша уште од 1975 година.

·Македонија
Парите во ѕидот беа лично мои, ги собирав за стари години — сведочеше мајката на Ѓоко Ристов

Мајката на апелацискиот судија Ѓоко Ристов на денешното рочиште изјави дека 350.000 евра пронајдени во ѕидна ниша во кујната на семејниот дом во Неготино се пари што таа и сопругот ги собирале со години за старост.

Донка Ристова сведочеше во судскиот процес кој се води против нејзиниот син за прикривање имот и перење пари и објасни дека парите биле ставени меѓу циглите зад плочка што била залепена само на неколку места, место што, рече, го користела уште по изградбата на куќата во 1975 година.

На прашањата за претресите, кои според неа биле извршени на 29 декември 2025 година и на 18 и 19 јануари 2026 година, Ристова рече дека самата не била присутна тогаш — првиот пат била на операција, а во јануари била на бања.

За начинот на сокривање рече: "Јас не можев да дојдам, помалиот син Ангел дојде од Скопје и го однесе во куќата во Неготино. Се правеше два дена претрес. Првиот ден работеле, барале, но немало ништо и закажале за утредента пак. Тогаш повторно правеле претрес и го нашле моето место каде што си ги чував парите. Тоа беше горе во горната ниша позади работна маса, фрижидер. Плочката беше залепена само на четири места само за да не падне и јас си најдов згодно место, не од лани, од 1975 година. Што ќе ми останеше париче, плочката како што беше одвоена, се отвораше како прозорче, и во фолиички си ги ставав паричките во дупките на циглите."

Таа рече дека вкупно имало 350.000 евра: 250.000 евра во апоени од 50 евра и 100.000 евра во апоени од 500 и 200 евра. "Тие ми беа гаранција за стари години, за тешки денови", рече Ристова.

Пари од земјоделство и прашањето со ДНК

Ристова објасни дека парите ги стекнале таа и сопругот Здравко во текот на 57-годишниот брак од продажба на земјоделски производи — бостан, диња, пипер — и дека честопати патувала на пазари, меѓу другото и во Горни Милановац. "Од секаде каде што ќе продадам роба, ние сме земјоделска куќа, бостан, диња, пипер. Сум одела во Горни Милановац, каде се не сум одела. Ќе ги замотав во бела хартија, во најлонче и ќе ги пикнев", рече таа.

Ристова додаде дека старите германски марки биле променети во евра, а за да не зафаќаат место ги менувале во повисоки апоени. Последен пат, рече, ставила пари во ѕидот во 2023–2024 година поради влошување на здравјето и повтори дека средствата се лично нивни и само тој и сопругот знаеле за нив. На забелешката од страна на Обвинителството дека при форензичкото вештачење на фолиите била пронајдена ДНК на Ѓоко Ристов, а не и ДНК од родителите, и Здравко и Донка Ристови одговорија дека не веруваат оти се најдени траги од нивниот син на фолиите.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи