Паркинг за пратениците и службените возила ќе се гради кај Собранието за 101.951.456 денари
Договорот за уредување на просторот е од 08.06.2026; локацијата е оградена и се вршат работи за партерно уредување.

Просторот покрај Собранието, кој досега беше див паркинг, ќе се уреди како паркинг за пратеничките и службените возила. За уредување и опремување е договорено да се платат 101.951.456 денари (околу 1,6 милиони евра). Собранието на 08.06.2026 склучи договор за набавка на опрема и партерно уредување на безбедносната зона со фирмата „Стентон градба" ДОО од село Долно Оризари, Битола, објавено е на веб-страницата на Бирото за јавни набавки.
Локацијата веќе е заградена со тараби и на терен почнаа градежни активности.
Што опфаќа договорот
Според документите од јавната набавка, изведувачот треба да отстрани постоечкиот асфалт, да постави гранитни плочки, да изведе патеки и паркинг-места, да засади дрвја и да постави урбана опрема и осветлување. Претвидена е изградба на нова портирница и набавка и поставување на систем за влез и излез од паркираните возила.
„Просторот околу Собранието е прогласен за безбедносната зона. Просторот во безбедносната зона, освен делот пред главниот влез на Собранието, е наменет за паркирање на возила за потребите на Собранието. Градежните работи за партерно уредување на просторот околу објектот на Собранието прогласен за безбедносна зона се изведуваат согласно договорот за jавна набавка од 08.06.2026 година“, велат од Собранието.
Со измена на Деталниот урбанистички план „Мал ринг" за време на мандатот на градоначалникот Владимир Тодоровиќ, наместо подземна гаража беше предвидена маркичка за катна гаража. Во јуни 2013, на електронска аукција во Министерството за транспорт и врски, земјиштето го купи фирмата „Анго" ДООЕЛ за 136 евра за квадрат или вкупно за 333.000 евра за парцелата од 2.455 метри квадратни. Планот дозволуваше висина на гаражата до 9 метри, а 15 отсто од објектот можеше да се користи за деловни простории, продавници или угостителски објекти.
Градежната дозвола за изградба на катната гаража во 2018 беше поништена од поранешниот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ, бидејќи инвеститорот не го започнал градењето во предвидениот рок. Инвеститорот поднесе жалба и по повеќегодишна судска постапка Управниот суд ја прифати жалбата и на инвеститорот му беше дозволено да гради.
Во август 2024 инвеститорот, ДТПУ „Анго" ДООЕЛ од Скопје, го огради просторот и почна расчистување со намера да започне градба на катна гаража. Во септември 2024 премиерот Христијан Мицкоски изјави: „некој некогаш не бил разумен, се однесува незрело и направил нешто што ја загрозува безбедноста на Собранието“. Потоа во Собранието беше донесен закон со кој просторот околу Собранието се прогласи за безбедносна зона, се забрани градба и беше најавено дека фирмата која го купила земјиштето ќе биде обесштетена.
Фото: К. Попов)