Почетна
Македонија

Пауза и расправии го скратија времето за опозициските прашања

Пратенички паузи и спор за Деловникот ја намалија можноста опозицијата да ги постави сите прашања.

·Македонија
Пауза и расправии го скратија времето за опозициските прашања

Денешната седница во Собранието посветена на пратеничките прашања од опозицијата беше неколкупати прекинувана, што го намали времето предвидено за поставување прашања од опозиционите пратеници.

Паузи и расправии за толкувањето на Деловникот

На почетокот опозицијата реагираше дека министрите кои треба да одговараат не се присутни во пленарната сала. Координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, побара министрите да влезат во салата и посочи дека има прашање до министерот за правда Јетон Шасивари што било најавено пред три недели.

„Барам министрите да влезат во салата. Имам прашање за министерот за правда Јетон Шасивари најавено уште пред три недели, а тој е отсутен. Повикајте ги министрите да бидат присутни во салата, а не да седат во собраниското бифе, за да продолжиме со пратенички прашања“, рече таа.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одговори дека министрите биле повикани, дека дел од нив се присутни, а оние што се на ред за одговарање ќе дојдат кога ќе бидат повикани. „Тука се тие кои се на ред да им бидат поставени прашања, другите ќе дојдат кога ќе бидат на ред за прашања. Министрите кои службено се надвор од државата ме известија, но тука се заменик-министрите“, кажа тој.

Расправијата за паузите и толкувањето на Деловникот предизвика реакции од пратениците; Гаши порача дека опозицијата сама си го скратува времето за прашања и ги повика координаторите да се договорат, предупредувајќи да не се насочуваат напади кон службата на Собранието или кон претседателот.

Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ рече дека седницата треба да продолжи и дека министрите не треба да се штитат, оти треба да седат во клупите и да одговараат. По одредени дофрлувања, тој рече: „Тоа што го покажуваш, да си го покажеш на лидерот на партијата, а не мене“.

Откако паузата заврши, пратеникот од владејачкото мнозинство Даниел Стојчевски од ЗНАМ се обрати и го прочита членот 38 од Деловникот, кој го уредува правото на пратениците да поставуваат прашања до претседателот на Владата, министрите и другите носители на јавни функции.

„Ние сме единствена држава во светот каде опозиција бара пауза на инструментот наменет за опозицијата. Тука сме, тука се и министрите и заменици, и пак се бара пауза. Користете ги пратеничките прашања, за тоа имате одговорност пред граѓаните кои ве избрале и за тоа сте платени“, рече Стојчевски и потоа побара едночасовна пауза, додавајќи дека се надева опозицијата ќе биде подготвена за следната седница.

По овие расправии, Гаши најави дека седницата ќе продолжи со утврдените точки од дневниот ред.

Фото: Притнскрин

Поврзани написи