Печеле пиперки на тераси и во подруми, па добиле солени казни во Србија
По пријави од соседи, инспекторите изрекуваат казни и известуваат за случаи кои барале интервенција на пожарникарите.

Печењето пиперки за ајвар на терасите, меѓу зградите или во подрумите скапо им излегува на граѓаните во Србија: комуналните инспектори во последните денови делеле солени казни, а пријавени се и пожари. Казните, како што е пријавено, достигнуваат и до неколку илјади евра.
Повече од 10 пријави за еден викенд
Само во еден од последните викенди комуналните служби во Белград и во други градови регистрираа повеќе од 10 пријави од револтирани соседи. Дел од граѓаните печеле пиперки на терасите, некои ги поставиле скарите во задниот дел од зградите, а имало и обиди да се пржат пиперки во подрумските простории за да не им мириса внатре.
Поради отворен пламен и чад, инспекторите изрекувале казни. За физички лица во Србија казните се движат од 50 до над 200 евра (во зависност од локацијата и прекршокот), додека за правни лица и бизниси, за неовластено палење оган на јавни површини или во згради, казните можат да одат и до 1.300 евра. Исто така е пријавено дека имало случаи кои барале интервенција на противпожарните служби.
Еден од инцидентите завршил со пожар откако пиперки се печеле во подрум, по што била неопходна интервенција од пожарникарите. Експертите и инспекторите предупредуваат дека искрите и чадот од импровизирани скари лесно можат да предизвикаат пожари, особено на повисоките катови.
Сите оние што немaт викендички или роднини на село честопати се обидуваат да се снајдат во градските станови и да го подготват традиционалниот ајвар. Меѓутоа, ваквиот начин на печење со отворен оган на тераси, пред влезови или во подруми е строго забранет поради опасноста од пожар и загадување.
И во Македонија печењето пиперки на балкони или на јавни површини пред зградите е чест проблем во есенскиот период. Според Закон за одржување на општинскиот ред и прописите за куќен ред во станбени згради, палењето оган на отворено (на тераси, заградени дворови од згради или на јавни површини/тротоари) е строго забрането.
Општинските комунални инспектори и инспекторите за животна средина имаат право да изречат казни за палење оган на јавна површина (кои се движат од 50 до стотици евра во денарска противвредност), а доколку се загрози безбедноста на објектот, подлежи и на интервенција од полицијата и противпожарната служба. Пожарникарите секоја година апелираат да не се користат ќумбиња и импровизирани скари на балкони и во подруми.
Фото: Илустрација (АИ)


