Педијатријата во Охрид по пет години повторно работи 24 часа
Одделението е зајакнато со кадар и нова опрема, а пациентите претходно беа пренасочувани во Струга.

По петгодишен период во кој, поради недостиг на специјалисти, Одделението за педијатрија при Општата болница во Охрид работеше со ограничен режим, сега повторно обезбедува 24-часовна здравствена заштита и хоспитализација.
Раководството на болницата посочува дека враќањето на полно работно време е резултат на кадровско зајакнување и набавка на нова медицинска опрема, што ги подобрува условите за лекување и следење на најмладите пациенти.
За време на ограниченото работење, децата кои бараа болничко лекување беа упатувани во Струга.
Пет лекари на специјализација
Во моментот пет лекари од одделението се на специјализација, а нивното враќање во Охрид се очекува дополнително да го зајакне тимот и да ги зголеми капацитетите на Одделението за прием и третман на педијатриски случаи.
„Ова одделение има добра иднина затоа што имаме пет лекари кои се на специјализација, со чие враќање Одделението дополнително ќе се екипира“, вели директорот на Општа болница Охрид, д-р Горан Маркоски.
Фото: СДК.МК)