Пелистер има туристички потенцијал, но го сопира застарената инфраструктура
Моликовите шуми и езерата привлекуваат гости, но пристапот и сместувањето ја ограничуваат одржливата експанзија.

Моликовите шуми, камените реки и Големото и Мало Езеро се најпознатите природни вредности на планината Пелистер, кои во последно време привлекуваат сè повеќе странски туристи. Но, за поголем развој на туризмот недостигаат услови и инфраструктура.
„У тринава влеговме во Националниот парк. Засега ова е многу убаво искуство, паркот е фантастичен, навистина е преубав и добро одржуван “ – вели Лоренцо од Италија.
Иако природата ги привлекува посетителите, локалните соговорници и експерти предупредуваат дека самата убавина не е доволна да ги задржи гостите ако нема доволно сместувачки капацитети и услуги.
Проблеми со пристапот и сместувањето
„Пелистер има многу причини за да се посетува. Пријатна клима, услови за скијање, рекреација, за жал 10 години откако изгоре Копанки се уште не е обновен. Во детското одморалиште некогаш овде престојуваа над 300 деца. Пелистер треба да се направи подостапен“ – вели планинарот Петар Ставрев.
Пристапот е често наведуван како кочница: патот од Битола до Пелистер е тесен и во лоша состојба.
„Патната инфраструктира од Битола до соседните градови и до Пелистер е трагикомична, таа е како после бомбардирањето во првата светска војна“ – вели туристичкиот работник, Горан Пинза.
Националниот парк, од своја страна, работи на нови содржини за активен туризам. „Тоа го покажавме со неколкуте нови пешачки патеки, велосипедската патека, расчистувањето, дообележувањето на планинарските патеки. С танува збор досега за вкупна должина од повеќе од 80 до 90 километри и тука не застануваме “ – рече Иванчо Тошевски, директор на НП Пелистер.
Тошевски предупреди дека развојот треба да биде во хармонија со заштитата на чувствителниот екосистем: „Веројатно ќе бидеме прво подрачје на Балканот кое работи активно на соочување на старата моликова шума и цел еко-систем на Пелистер соочен со климатските промени“.
Пелистер јасно има што да понуди, но, според соговорниците, за да туризмот расте на одржлив начин потребни се подобрувања во патната и сместувачката инфраструктура, како и внимателно планирање за да не се оштети природата.
Фото: прес-материјал од настанот


