Пензионерски пар од Мичиген заработи 26 милиони долари со математичка стратегија за лото
Детаљ во правилата на Winfall им овозможил на Џери и Марџ Селби да создадат инвестиционен клуб и да заработат над 26 милиони долари.

Пензионерскиот брачен пар Џери и Марџ Селби од малото градче Еварт, Мичиген, привлeче внимание по тоа што од едно случајно пронајдено флаерче направија милионска заработка. По години водење продавница и одгледување шест деца, планирале мирни пензионерски денови, но Џери, кој е дипломиран математичар, во 2003 година забележал детаљ во правилата на новата игра Winfall што другите играчи го преспале.
Правилото „rolldown“ и математичката предност
Клучот бил во таканареченото правило „rolldown“: ако никој не го освои главниот џекпот, паричниот фонд се распределува меѓу играчите кои погодиле помал број на броеви (три, четири или пет). Џери пресметал дека со купување голем број ливчиња и правилно пресметан влог, добивките на долг рок ги надминуваат вложените средства.
На првиот тест влогот бил 3.600 долари и добил 6.300 долари; следниот пат вложил 8.000 долари и повторно ја удвоил сумата. Кога му ја објаснил стратегијата, Марџ констатирала: "Чудно како никој претходно не се сетил на ова." Потоа основале компанија G.S. Investment Strategies и собрале 25 пријатели и соседи кои вложиле по 500 долари. Во само 12 извлекувања оствариле милионски добивки што помогнале на повеќе семејства во заедницата.
Кога Мичиген ја укина играта, парот не се откажа — во Масачусетс ја следеле сличната игра Cash Winfall. Во следните шест години честопати патувале речиси 1.450 километри за да учествуваат во посебните извлекувања, а понекогаш работеле и до 10 часа дневно десет дена по ред, рачно прегледувајќи илјадници ливчиња.
Успехот предизвикал медиумско внимание и официјална државна истрага за евентуални измами. "Навистина тоа темелно го истраживме, барајќи корупција", изјави тогашниот главен инспектор Грег Саливан за емисијата „60 Minutes“. Истражителите не пронашле доказ за криминал — парот не мамел и немал пристап до тајни податоци, туку едноставно ја искористил отворената математичка предност.
Играта Cash Winfall на крајот беше укината. За девет години играње, брачниот пар и нивниот инвестициски клуб оствариле повеќе од 26 милиони долари бруто-добивка. Со парите го обновиле семејниот дом и го финансирале образованието на своите деца, внуци и правнуци. Приказната имаше и филмска верзија во 2022 година, комедијата „Jerry & Marge Go Large“, со Брајан Кранстон и Анет Бенинг во главните улоги.
Фото: Илустрација (АИ)


