Пет европски земји бараат намалување на предлог‑буџетот на ЕУ од два трилиони евра
Германската иницијатива во Берлин ги обединува пет земји кои бараат помал седумгодишен буџет отколку нацрт‑предлогот од околу два трилиони евра.

Германија ги собра лидерите на Данска, Австрија, Финска и Холандија во Берлин со цел да изгради заедничка позиција и да го намали предлог‑буџетот на Европската комисија за периодот 2028–2034, кој во нацрт изнесува околу два трилиони евра.
Различни пристапи но и заедничка цел
Средбата што ја иницираше канцеларот Фридрих Мерц има за цел забрзување на преговорите и постигнување договор уште годинава. Некои членки сметаат дека временскиот притисок е неопходен поради претстојните избори во повеќе земји и тешкотиите кои би произлегле од пролонгирани преговори.
Австрија, застапувана на состанокот од канцеларот Кристијан Штокер, јасно истакнува дека предлогот на Комисијата и по првичните измени останува превисок и бара значително намалување на вкупниот обем. Штокер порача дека земјите кои уплаќаат повеќе средства во европскиот буџет не смеат да бидат сметани за банкомат на Европската унија. Виена, сепак, инсистира дека намалувањата не треба автоматски да погодат кохезиските програми и заедничката земјоделска политика и бара средствата да останат на располагање за региони и земјоделство, како и да го поддржат конкурентноста и економскиот раст.
Германија оди поостро и бара од предлог‑буџетот од околу два трилиони евра да се намали на 1,6 трилиони евра за седумгодишниот период. Во Берлин се зборува за кратења од неколку стотици милијарди евра и за разгледување на потенцијалот на нови сопствени извори на финансирање кои би го зголемиле приходот на Унијата.
Временскиот притисок е поради политичката динамика во Европа: договорот треба да биде постигнат пред изборите во Франција, Полска и Италија, затоа, според Берлин и Париз, побрз преод е пожелeн. Ирското претседателство со Советот на ЕУ, пак, најави дека во октомври ќе предложи нова финансиска табела која ќе послужи како основа за натамошните разговори. Дебатата ќе биде остра и поради спротивставените интереси меѓу нето‑платителите и земјите‑кориснички на европските фондови.
Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET