Петмина во трка за наследник на Ислам Абази на чело на ОЈО ГОКК
Петмина јавни обвинители ги претставија приоритетите пред Советот, изборот е закажан за 28 месецов.

Петмина кандидати денеска пред Советот на јавни обвинители ги презентираа своите програми во трката за наследник на Ислам Абази на чело на ОЈО ГОКК. Изборот е закажан за 28 месецов и ќе се спроведе преку директен избор со тајно гласање на јавните обвинители од земјата.
Кандидатите и нивните приоритети
Фатон Азизи, кој доаѓа од Одделението за гонење висока корупција при ОЈО ГОКК, како клучни точки ги издвоил борбата против перењето пари и проактивното вклучување во „црните листи“ објавени од нашите меѓународни партнери.
Трајче Пеливанов од Вишото јавно обвинителство Скопје рече дека својата работа ќе ја темели на доказите, кои ќе бидат клучни за отворање предмети.
За разлика од останатите, кандидатката Лидија Раичевиќ смета дека наместо нови програми обвинителството има потреба од поголема стручност и активност во откривање на кривичните дела.
Искра Хаџи Василева од ОЈО ГОК ја темели својата програма на четири столба: ажурност, финансиски истраги, зајакнување на Истражниот центар и дигитализација.
Јован Цветановски, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, ги потенцирал зголемувањето на ефикасноста во истрагите за висока корупција и перење пари, како и намалувањето на бројот на стари и нерешени предмети.
Кандидатите едногласно побараа независно и поефикасно обвинителство со поголеми ресурси за работа, особено за Истражниот центар. Наследникот на Ислам Абази ќе биде избран на тајното гласање закажано за 28 месецов.
Фото: прес-материјал од настанот


