Петнаесет потврдени, шеснаесеттиот пациент се проверува – западнонилската треска се шири
На Универзитетската клиника за инфективни болести се хоспитализирани 15 пациенти; кај пет од нив е добиена лабораториска потврда за невроинвазивна форма, а уште еден случај се обработува.

Бројот на потврдени случаи со западнонилска треска се зголемува: во моментов на Универзитетската клиника за инфективни болести во Скопје се хоспитализирани 15 пациенти со лабораториски потврдено присуство на вирусот Западен Нил, а уште еден сомнителен случај е во обработка и најверојатно ќе биде позитивен.
Не се работи за нови пријавени пациенти, туку кај пет лица од претходно сомнителните клинички случаи по дополнителни испитувања е потврдена невроинвазивната форма на инфекцијата. За уште еден пациент во тек е лабораториска обработка.
„Тоа значи дека со него ќе бидат 16, затоа што најверојатно и тој ќе биде позитивен, така што ќе бидат 16 пациенти со лабораториски потврдена инфекција со вирусот Западен Нил“ – изјави д-р Фадил Цана, директор на Универзитетска клиника за инфективни болести.
Клиничка слика
Тројца пациенти и натаму се во тешка клиничка состојба со развиена невроинвазивна форма и се лекуваат на Одделот за интензивна нега. Останатите пациенти се опишани како во стабилна состојба и кај нив продолжува лекувањето.
Сите заболени се над 60 години, имаат сопатнички болести и се од Скопје. Лекарите нагласуваат дека граѓаните треба да бидат внимателни и информирани, но да не се предизвикува паника. Важно е да се познаваат симптомите: главоболка, покачена температура, замор и општа слабост, и при појава да се консултира лекар.
Во соседна Србија за оваа година се пријавени првите два случаи на западнонилска треска: двајца жители на Белград на возраст од 75 и 82 години, хоспитализирани на Клиниката за инфективни и тропски болести во Белград поради развој на невроинвазивна форма.
Фото: прес-материјал од настанот