Плаќање по час наместо месечно – синдикати и работодавачи разгледуваат нов модел
Конфедерацијата, ССМ и Организацијата на работодавачи велат дека часовнината може да влијае на минималната плата и работните услови.

Двата најголеми синдикати и организацијата на работодавачи во Северна Македонија разгледуваат можност за промена на системот на исплата — од месечна плата кон исплата по сработен час, потенцирајќи дека тоа може да влијае на продуктивноста, да го намали сивото работење и да им даде поголема предвидливост на вработените.
Од Конфедерацијата на слободни синдикати велат дека по ова прашање се прават анализи месеци наназад и дека ја сметаат идејата за взаемно корисна. Веќе неофицијално имаат контакти со институции и со претставници на работодавачите и најавуваат јавна презентација на предлогот.
Практични и правни пречки
„Работниците работат не секој месец исти работни денови. Некој месец има повеќе работни часови, некој месец помалку. Нашата идеја ќе ја презентираме утре. Мислам дека ова ќе биде добро и за работодавачите бидејќи едноставно ќе може да ја потисне сивата економија, предвидливоста нивна и неликвидноста на работодавачите. Од друга страна работниците би добиле затоа што би знаеле колку часа работата, колку им е платен работниот час и дали ќе ја прифатат или не работата“, вели Благоја Ралповски, претседател на Конфедерација на слободни синдикати.
Работодавачите велат дека секоја промена бара детална анализа: дали постоечките процеси и производствени погони можат да прифатат флексибилно работно време, како ќе се пресметува платата, какви измени на закони и институционална организација се потребни и други технички аспекти.
За Сојузот на синдикати на Македонија клучно е да се зголемат платите и да се запре експлоатацијата. Нивните пресметки покажуваат дека доколку се премине на часовна исплата, еден час на работник со минимална плата би изнесувал 155 денари, што според синдикатот е мизерно.
„Дали се безбедни условите за работа, дали достоинствена плата ќе биде ако ја пресметуваме по час ама да почнеме со 250 денари наместо сегашните 150 денари. Да видиме колку луѓето работат часови месечно на ливче за оние плати кои ги добиваат во моментот и колку ќе им се пресметува во иднина. Не да се случи дека овој месец нема да ве викнам на работа и да земете плата две илјади денари. Да не се лажеме дека ќе прифатиме некој систем кој што ќе проба да го изигра работникот туку напротив, да се плаќа по учинок или како сакате крстете го достоинствено“, рече Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Сојузот на стопански комори оцени дека е неопходна измена, а Министерството за економија соопшти дека е отворено за разговори и за компаративни анализи на модели на часовна исплата во европските земји и во САД.
Фото: прес-материјал од настанот


