Пленковиќ: Две држави ѝ одзедоа 21 година на Северна Македонија на патот кон ЕУ
Пленковиќ пред состанокот во Брисел рече дека блокадите од две држави ѝ нанесле 21 година загуба на институционалното приближување на Северна Македонија.

Пред почетокот на состанокот на Европскиот совет во Брисел, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека Северна Македонија изгубила 21 година институционално приближување кон Европската Унија поради блокадите од две држави.
Пленковиќ го спореди пристапот кон Црна Гора
Тој го посочи македонскиот пример говорејќи за односот на Загреб кон Подгорица и потсети дека на самитот во Загреб во 2000 година Северна Македонија била пред Хрватска во институционална смисла.
„Го имате примерот на Северна Македонија, која во времето на самитот во Загреб во 2000 година беше пред Хрватска во институционална смисла. Тие сè уште не ги отвориле преговорите. Постојат две држави кои, да речеме така, од 2005 до 2026 година ѝ одзедоа 21 година институционално приближување на Северна Македонија кон Европската Унија“, изјави Пленковиќ.
Пленковиќ нагласи дека Хрватска не избрала таков пристап кон Црна Гора, и покрај нерешените прашања меѓу двете земји.
„И покрај тешкото наследство, кон Црна Гора пристапивме многу конструктивно“, рече хрватскиот премиер и додаде дека Загреб идентификувал осум нерешени прашања што Црна Гора треба да ги реши на патот кон членство во ЕУ — претежно поврзани со добрососедските односи и почитувањето на европските вредности.
Фото: прес-материјал од настанот


