Почетна
Македонија

По децении застој, „Свети Еразмо“ во Охрид ќе отвори ново крило до Нова година

Инвестиција од над 2 милиони евра го проширува капацитетот и ја таргетира улогата на регионален референтен центар.

·Македонија
По децении застој, „Свети Еразмо“ во Охрид ќе отвори ново крило до Нова година

По речиси една деценија застој, новото крило на Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид влегува во завршна фаза и се очекува да биде ставено во употреба до Нова година. Инвестицијата ќе надмине два милиони евра и треба значително да ги прошири хируршките и терапевтските капацитети на болницата.

Со новото крило, болницата која во моментов располага со една и пол операциона сала ќе добие четири современи операциони сали, опремени со нова медицинска апаратура.

Проектот и опремувањето

„Се работи за еден огромен инвестициски циклус и довршување на заглавен проект во изминатите десетина години и пуштање во употреба на сосема нови операциони сали, комплетно опремени со нова опрема. Со тоа ќе придонесеме за значително подобрување на болничкиот стандард, условите за работа на колегите и подобрување на самото лекување“, вели Харалампие Шокаровски, директор на болницата.

Тој додава дека целта не е само завршување на објектот, туку создавање институција која ќе има значење и надвор од границите на земјата. „Ќе се потрудиме, меѓу другото, да станеме една можеби најреферентна институција од областа на ортопедијата и неврохирургијата. Вака како што го градиме патот, прво стручно, па потоа сега со заложби на Владата и со ваква поддршка каква што имаме, да станеме еден референтен центар во ортопедијата и во неврохирургијата“, додава директорот.

Според Шокаровски, инвестицијата не опфаќа само градежни работи, туку и набавка и монтажа на нова медицинска опрема за да се исполнат современите стандарди за болничко лекување. „Очекуваме наредниве месеци да завршиме со тој циклус и да имаме еден прекрасен здравствен објект, ултрамодерен, што ќе ги задоволува потребите покрај на пациентите во земјава, и на пациентите од регионите, од соседните држави, на пациенти кои гравитираат заради нашата патологија во нашава институција. И со тоа мислам да станеме еден поширок регионален центар од областиве на медицината коишто ги покриваме“, вели Шокаровски.

Министерот за здравство Сашо Клековски при неодамнешната посета соопшти дека е избран изведувачот кој треба да ги заврши градежните работи, а постапките за набавка на опремата се во различни фази. Клековски нагласи дека во само две години бројот на интервенции на колкови е зголемен за 40 проценти и дека „Свети Еразмо“ веќе е меѓу трите установи во земјава со најголем обем на такви интервенции, заедно со Клиничкиот центар во Скопје и скопската Градска општа болница „8 Септември“.

Новото крило е дел од инвестиција вредна над 2 милиони евра, во која се вклучени средства од Фондот за здравствено осигурување, буџетот на болницата, други државни институции и донации од општествено одговорни компании. Првичниот рок за завршување на објектот беше април 2017 година.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи