Лашкоска: Нема одложување — Законот за контрола на индустриски емисии важи од септември 2027
Заменик-министерката најави дека компаниите ќе треба да се усогласат преку дозволи, најдобрите технологии и мониторинг, а инспекцискиот надзор ќе се зајакне.

Законот за контрола на индустриски емисии ќе почне да се применува од септември 2027 година и одложување на обврските нема да има, порача заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска на панелот „Рударство, развој и животна средина“, одржан во рамки на Стручното советување со меѓународно присуство ПОДЕКС–ПОВЕКС во Охрид.
Усогласување преку дозволи и техники
За опфатените рударски и индустриски капацитети тоа ќе значи усогласување со еколошките барања преку условите во дозволите, примената на најдобрите достапни технологии и следењето на емисиите, објасни Лашкоска. Таа посочи дека средбите што Министерството ги реализирало со сопствениците и менаџерите покажале дека компаниите се многу добро запознаени со новите законски одредби.
Потребните приспособувања, според неа, ќе зависат од дејноста и технологијата на поединечните капацитети и може да опфатат вложувања во производствените процеси и опремата за намалување на загадувањето.
Заменик-министерката најави и посилен надзор за примената на Законот за животна средина од страна на рударските и генерално индустриските субјекти, нагласувајќи дека јавната информираност и учеството се клучни.
„Во ова законодавство се наметнува транспарентно информирање на јавноста, вклучување на јавноста во донесувањето на политиките, а многу важен е и мониторингот и инспекцискиот надзор. Она што можам да го ветам е уште позајакнат надзор во наредниот период."
Во истата панел-дискусија, градоначалникот на Пробиштип и поранешен директор на рудникот, Тони Тоневски, истакна дека економското значење на рударството не ја ослободува индустријата од обврската за заштита на животната средина и нагласи дека постоењето на активен концесионер кој инвестира во заедницата е важно за локалниот развој.
„Довербата можеме да ја вратеме ако сите ние, и инвеститорите, тие што работат во рударскиот сектор, институциите, локалната заедница, сите работиме транспарентно, отворено, сериозно им приоѓаме на проблемите. Не смееме да ги криеме и да ги тргаме на страна проблемите, туку треба одговорно и транспарентно на граѓаните да им ја објаснуваме целата постапка."
Фото: прес-материјал од настанот


