По повлекувањето на „Луфтханза“, Скопје останува без линии до Варшава и Орли
„Лот“ го отстрани Варшава од зимскиот ред на летање, а „Изиџет“ го укинува субвенционираниот лет до Орли од ноември.

По повлекувањето на „Луфтханза“ во мај годинава, од есен од Скопје во зимскиот ред на летање исчезнуваат и линиите на полската национална компанија „Лот“ за Варшава, а од ноември е предвидено да се укине и летот на „Изиџет“ до парискиот аеродром Орли.
Во системот за резервации на „Лот“ се откажани сите летови до Варшава за зимската сезона која трае до 28 март; последниот лет од Скопје до Варшава е на 23 октомври. Последниот лет Скопје–Париз–Орли е закажан за 24 октомври. „Визер“ продолжува да лета до парискиот аеродром Буве (Beauvais).
Последици за врските и мрежата
Укинувањето на линиите Скопје–Франкфурт и Скопје–Варшава значи губење на две важни европски авиораскрсници преку кои патниците имаа пристап до десетици дестинации со едно преседнување. И двете компании се членки на глобалната „Стар алајанс“ и преку центрите во Франкфурт и Варшава нудеа широки можности за поврзување.
„Изиџет“ доби субвенции за линијата Скопје–Париз во 2025 година во рамките на вториот повик на Министерството за транспорт и врски. Според договорот со министерството, „Изиџет“ требаше да лета кон Орли двапати неделно во период од три години — до април 2028 — но во моментов ја опслужува линијата само еднаш неделно. Субвенциите се девет евра за секој патник што слетува во Скопје. Поради тоа што линијата се укинува пред истекот на договорот, „Изиџет“ ќе треба да ги врати субвенциите што ги доби во изминатата година.
Во рамките на истиот оглас „Изиџет“ доби и субвенции за линијата Скопје–Женева, која останува во системот за резервации и има летови двапати неделно.
И покрај рекордниот раст на сообраќајот на двата македонски аеродрома — раст од 32,4% и 1,2 милиони патници во првите четири месеци од годината — и донесувањето на седмиот авион A321neo во базата на „Визер“ во Скопје со капацитет над 230 седишта, повлекувањето на „Луфтханза“ и „Лот“ претставува сериозен удар за изборот и поврзаноста на патниците.
Владата во моментов субвенционира 16 авиолинии: 13 на „Визер“, две на „Изиџет“ и една на „Туркиш ерлајнс“. Од скопскиот аеродром се субвенционираат летовите на „Визер“ до Барселона, Штутгарт, Мадрид, Стокхолм, Бари, Келн, Прага, Неапол и Будимпешта, како и летовите на „Изиџет“ до Париз–Орли и Женева. Од аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид се субвенционираат летовите на „Визер“ до Милуз, Катовице, Вроцлав, Милано, а летот Охрид–Истанбул на „Туркиш ерлајнс“ се одржува без субвенции.
Во зимскиот ред на летање за Охрид ќе биде укината и линијата за Братислава, која беше воведена како замена на претходната линија за Виена на „Визер“ откако унгарскиот нискобуџетен превозник ја затвори базата во Австрија и пренасочи капацитетите во соседна Словачка. Аустриан ерлајнс ја отвори сезонската линија Виена–Охрид без да побара субвенции, а „Ер Србија“ ја одржува летната линија Белград–Охрид исто така без државна поддршка.
Министерот за транспорт и врски Александар Николоски истакна дека има рекорд во бројот на патници: "Бројките излегоа денеска и се одлични. Имаме два милиона патници за шест месеци годинава, што е раст од над 30 проценти споредено со минатата година. Кога оваа Влада беше избрана, имавме нешто над два милиони патници на годишно ниво, а сега имаме два милиони патници за само половина година. И Скопскиот и Охридскиот аеродром се најбрзо растечки аеродроми во регионот и тоа ќе продолжи да биде така. Имаме 28 нови дестинации и навистина сум многу горд на оваа политика", кажа Николоски.
Фото: ТАВ)