Почетна
Македонија

По зголемувањето кај Армијата, полицијата бара повисоки плати

Синдикатот предупредува дека ќе се загуби искусен кадар ако не се реши статусот на платите во МВР и другите служби.

·Македонија
По зголемувањето кај Армијата, полицијата бара повисоки плати

И полицајците бараат повисоки плати по најавата за зголемување на примањата во Армијата. Македонскиот полициски синдикат повикува Владата да го отвори прашањето за платите и во останатите безбедносни служби и предупредува дека сегашното ниво не одговара на одговорностите и ризиците.

Синдикат: итни и системски решенија

„Не може да барате максимална пожртвуваност, а да нудите минимално вреднување! Не може да барате професионалност, лојалност и подготвеност за ризикување на сопствениот живот, а луѓето кои ја носат таа одговорност да се доведени до работ на егзистенцијата! Не може да зборуваме за силни институции, а истовремено да дозволиме тие институции да останат без искусен, мотивиран и професионален кадар!“ — соопшти Синдикатот.

Од синдикатот укажуваат дека сè повеќе полициски службеници ја напуштаат професијата, искусниот кадар заминува, а интересот кај младите е сè помал. Тие бараат итни и системски мерки со кои ќе се подобри материјалниот статус на вработените не само во Министерството за внатрешни работи, туку и во Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.

Министерството за внатрешни работи не одговори на испратените прашања за тоа дали се планира зголемување на платите на полициските службеници до затворањето на текстот.

За разлика од полицијата, за вработените во Армијата веќе е предвидено зголемување на платите од десет проценти во буџетот за 2027 година. Според најавите од Министерството за одбрана, тоа би значело од четири до единаесет илјади денари повеќе месечно, во зависност од работното место.

Синдикатот порачува дека не бара привилегии туку достоинствено вреднување на трудот и дека е време пофалбите да бидат заменети со конкретни дела.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи