Почетокот на патничкиот сообраќај Белград–Будимпешта се одложува
Унгарија вели дека разликите во логиката на кинескиот и европскиот систем за контрола на возовите предизвикаа грешки кои треба да се проверат пред пуштањето на линијата.

Почетокот на патничкиот сообраќај на брзата пруга меѓу Белград и Будимпешта се одложува откако при тестирањата беа откриени функции на кинескиот систем за контрола на возовите што не работат во согласност со европските правила, изјави унгарскиот министер за транспорт Давид Витези.
Витези, одговарајќи на прашања на граѓани на социјалните мрежи, потсети дека неодамна било откриено дека одредени функции на кинескиот систем не работат во согласност со прописите и дека тие грешки „главно произлегуваат од различната логика според која работат кинеските и европските системи“.
Според него, „Во изминативе недели се појавија нови грешки, за кои е отворено прашањето дали се критични за безбедноста. Звучи чудно, но тоа не можеме да го кажеме. Станува збор само за разлики во логиката според која работи софтверот, односно за тоа дека кинескиот систем функционира поинаку од европскиот“. Технички екипи сега разговараат со кинеските добавувачи и ја разгледуваат природата на грешките.
Софтверот е резултат на политички договор
Витези тврди дека вградувањето на кинескиот софтвер е плод на политички договор: првично било предвидено да се инсталира софтвер од чешки добавувач, но откако унгарскиот премиер се сретнал со кинескиот претседател Си Џинпинг, Владата се определила државната кинеска компанија ЦРСЦ да го изработи системот.
Тој додаде дека градежните работи на пругата до границата со Србија се завршени, дека Унгарските државни железници (МАВ) ја презеле пругата и дека по неа веќе сообраќаат товарни возови. Ако се утврди дека нема грешки критични за безбедноста, патничкиот сообраќај може да почне релативно брзо; ако е потребна повторна сертификација, постапката може да потрае и со месеци. Претходно беше предвидено патничкиот сообраќај да почне на 13 декември, кога стапува во сила новиот возен ред на МАВ.
Во планот е меѓу главните градови на Унгарија и Србија да има по осум поаѓања дневно во секоја насока, при што два воза би продолжувале до Виена.
Фото: прес-материјал од настанот


