Под истрага три лица од Фондот и две од приватна болница поради двојна наплата, рече Клековски
Акција на МВР по повеќемесечна истрага за двојна наплата на пациенти за услуги платени од Фондот за здравствено осигурување.

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска потврди дека Министерството за внатрешни работи спроведува акција во која се инволвирани три лица од Фондот за здравствено осигурување и две лица од приватна здравствена установа, поради сомнежи за злоупотреба на средства.
Најмасовна е двојната наплата
Според Клековски, предмет на истрагата се повеќе видови на прекршоци, а едно од најчестите е двојната наплата — услуги за кои Фондот имал договор биле наплаќани и од пациентите под различни претставки.
Министерот рече дека акцијата што ја спроведува МВР утринава е дел од повеќемесечна операција, базирана на истрага која траела повеќе од една година.
„Во акцијата е вклучена една приватна здравствена установа која имаше договор со Фондот за здравствено осигурување и неколку лица од Фондот. Станува збор за злоупотреба на средства од Фондот за здравствено осигурување. Се надевам дека МВР наскоро ќе излезе со повеќе детали. Можам само да ја потврдам акцијата, да ја потврдам соработката и да изразам голема благодарност на истрајноста и упорноста на вработените во МВР и на Јавното обвинителство, што конечно една од ситуациите на кои работевме изминатите две години доаѓа до одредена завршница, барем во однос дека ќе има кривични пријави и судска постапка“, рече Клековски на настан посветен за активностите на Клиниката за неврологија.
Клековски појасни дека, додека бил директор на Фондот, тој го иницирал отворањето на истрагата затоа што станува збор за здравствена установа со повторувачки прекршоци со години, а не за изолирани случаи. „Јас предложив на Комисијата за прекршоци, и таа прифати да се раскине договорот со таа здравствена установа за да се прекине ланецот на неказнивост. Истовремено побарав да се покрене истрага. МВР заедно со Секторот за контрола на Фондот за здравствено осигурување напорно работеше да се завршат сите работи. Беа вклучени и Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за лекови и други установи, за од сите аспекти да се затвори истрагата“, додаде министерот.
Министерот наведе дека очекува МВР наскоро да понуди повеќе детали; според него, следуваат кривични пријави и можни судски постапки.
Фото: Министерство за здравство)


