Податоците за сите истражувачи во земјата достапни на новиот национален портал Е‑наука
Порталот e-nauka.mon.gov.mk ги прикажува научниците, организациите и поврзаните индикатори од Scopus, Web of Science и Google Scholar; засега регистрирани 229 истражувачи.

Нов јавен портал, e-nauka.mon.gov.mk, од денес ја обединува базата податоци за истражувачите кои вршат научно‑истражувачка работа во земјата.
Профили, индикатори и пребарувачки алатки
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на промоцијата објасни дека портaлот ги прикажува истражувачите, научно‑истражувачките организации, како и статистиките и индикаторите за истражувачите.
Платформата е поврзана со глобалните бази Web of Science, Scopus и Google Scholar, што овозможува прикажување на индикатори како резултати, цитираност и h‑индекс покрај профилите на истражувачите.
Досега се регистрирани 229 истражувачи. За секој од нив на порталот е прикажано формалното образование, вработувањето, научното звање, установата или факултетот каде работи, научното поле или научно‑истражувачката идентификација, како и индикатори и резултати од застапеност во трите глобални научни бази – Scopus, Web of Science и Google Scholar.
Преку е‑наука, истражувачите добиваат и можност за поедноставно поврзување со индустријата. „Преку напредни пребарувања, бизнисите сега можат да идентификуваат кој научник или истражувач се занимава со областа што им е од интерес, а тоа поттикнува нови партнерства, го претвора знаењето во економска вредност и ги забрзува иновациите“, појасни министерката Јаневска.
Порталот е‑наука е отворен и за меѓународни универзитети, глобални истражувачки конзорциуми и мултинационални центри за истражување и развој, со цел создавање можности за заеднички апликации за грантови, коавторства на трудови со поголемо влијание и зајакнување на позицијата на нашите научници во глобални рамки.
Фото: mon / Facebook