Почетна
Македонија

Поголема свесност и правилно селектирање на отпадот — решение за дивите депонии

Министерството апелира да се користат канти и контејнери; за 2026 година се планирани три регионални центри за отпад.

·Македонија
Поголема свесност и правилно селектирање на отпадот — решение за дивите депонии

Министерството за животна средина ја потенцира потребата од поголема свест кај граѓаните и правилно селектирање на отпадот како едно од клучните решенија за справување со дивите депонии.

Од институцијата укажуваат дека проблемот има две страни — несовесно однесување на дел од граѓаните кои оставаат ѓубре околу канти и контејнери и недоволна покриеност со услуги на некои општини.

Државен пристап и регионални решенија

„Отпадот ако е околу кантата, значи тоа е несовесно однесување на граѓаните. Граѓаните треба да ги користат специјалните контејнери, имаме канти, контејнери, значи садови за собирање отпад. Знаеме дека е недозволиво да се фрла на улица, во паркови, во природа итн. Тоа е јасно, меѓутоа, за жал, сè уште има несовесни граѓани. Од друга страна, оние така наречени диви депонии, тоа се ѓубришта кои што се создаваат некако спонтано. Најчесто се создаваат бидејќи домаќинствата во тие региони не добиваат соодветна услуга“, истакна Ана Каранфилова Мазневска, раководителка на Секторот за отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Мазневска предупреди дека изградбата на регионални депонии е долгорочен и скап процес и дека и трошоците за нивно одржување треба да се земат предвид: „Тоа се скапи објекти, за нив ќе треба и да се плаќа. Не е само да ги изградите, туку и одржувањето ќе чини пари. Од тој аспект, подобро е да имате една на повеќе општини, што ќе ја користат повеќе општини. Процесот тече, ние сме во подготовка на документите. Имаме воспоставено возила, канти и контејнери. Сега сме во фаза на градба“, додава Каранфилова Мазневска.

Според министерството, во 2026 година е предвидена изградба на три регионални центри за управување со отпад: Новаци за Пелагонискиот и Југозападниот регион, Русино за Полошкиот регион и Свети Николе за Источниот и Североисточниот регион. Овие регионални депонии ќе бидат големи, уредени објекти наменети да служат за повеќе општини, а не само за еден град.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи