Почетна
Свет

Погребален директор во Британија мешал човечка пепел и им давал туѓи останки — доби 20 години затвор

Судот во Хал пресуди дека директорот на Legacy измамил семејства, мешал остатоци и заработил околу 657.000 евра.

·Свет
Погребален директор во Британија мешал човечка пепел и им давал туѓи останки — доби 20 години затвор

Директор на погребално претпријатие во Велика Британија доби 20 години затвор откако судот го прогласи виновен за давање туѓа пепел на ужалените семејства наместо да ги кремира телата на нивните блиски.

Полицијата при претрес во погребалната куќа „Легаси индепендент фјунерал директорс“ во градот Хал, во март 2024 година, пронашла околу 35 тела и повеќе од 100 садови со пепел, што доведе до истрага за практиките на компанијата.

Според обвинението, Роберт Буш мешал пепел од различни кремирани тела и создал залиха од останки кои потоа им ги давал на ужалените семејства кога тие барале да ги добијат пепелта од своите блиски. Судот слушнал дека тој измамил речиси 200 семејства и прибрал околу 657.000 евра.

Судија: „предизвикал болка и страдање од размери што е тешко да се опишат“

При изрекувањето на пресудата во Судот во Хал, судијата Хилиард му рекол на поранешниот погребалец дека „предизвикал болка и страдање од размери што е тешко да се опишат”.

Судот бил информиран дека роднините на 46 луѓе кремирани меѓу 2017 и 2024 добиле туѓа пепел, додека семејствата на уште 11 луѓе никогаш не ги добиле останките. Буш признал вина за 67 кривични дела, меѓу кои и тоа што на 30 луѓе им ускратил достоинствен и соодветен погреб, кражба од 12 хуманитарни организации и измамничко работење во период од речиси 12 години.

На петдневното судење, кое започна во понеделникот, обвинителството посочило дека Буш ја нарушил довербата на своите клиенти „речиси во индустриски размери“. Судијата предупредил дека никој што ги користел услугите за кремирање на „Легаси“ „во кој било момент не може да биде целосно сигурен дека ја добил пепелта од својот близок“ и додал: „Мора да имал безчувствителна страна која му овозможила да се однесува кон живите и кон мртвите на начинот на кој се однесувал, а бил многу уверен дека ќе се извлече со тоа што го правел“.

Фото: МИА

Поврзани написи