Полицаец обвинет дека фалсификувал потврди за дарување крв и земал шест дена платено отсуство
А.А. се сомничи дека фалсификувал две потврди од Институтот за трансфузиона медицина и со нив добил шест дена платено отсуство.

Кривична пријава е поднесена против полициски службеник вработен во Министерството за внатрешни работи, кој се сомничи дека фалсификувал две потврди за дарување крв и со нив искористил вкупно шест работни дена платено отсуство.
Пријавениот, означен како А.А., е вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти. Од МВР соопштија дека тој изготвил и употребил две лажни потврди дека дарувал крв во Институтот за трансфузиона медицина при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје на 3 март и 9 јули годинава, иако всушност не дарувал крв на тие датуми.
Обвиние и дисциплинска постапка
Врз основа на фалсификуваните потврди, А.А. поднел две барања за платено отсуство од по три работни дена. Според документацијата, првото отсуство го искористил на 3, 4 и 5 март, а второто на 9, 10 и 13 јули годинава.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднел кривична пријава против А.А. до Специјализираното одделение при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, поради сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“, согласно член 378 од Кривичниот законик.
Од МВР најавија дека ќе поднесат и предлог за поведување дисциплинска постапка против полицискиот службеник поради кршење на работниот ред и дисциплина.
Фото: прес-материјал од настанот


