Почетна
Македонија

Половина возрасни пушат, а законот против пушењето сè уште чека на усвојување

Аналитика: расте бројот на секојдневни и тешки пушачи, обидите за откажување се ретки, а законската забрана сè уште не е донесена.

·Македонија
Половина возрасни пушат, а законот против пушењето сè уште чека на усвојување

Секој втор возрасен граѓанин пуши, а ако се вклучат и новите никотински и тутунски производи, распространетоста на употребата достигнува 54 проценти, покажува истражување на аналитика. И покрај низа кампањи и апели за откажување, бројот на секојдневни пушачи и интензитетот на пушење продолжуваат да растат.

Истражувањето открива дека повеќе од една четвртина од пушачите консумираат над 20 цигари дневно, што ги вбројува меѓу тешките пушачи, додека околу 40 проценти пушат помеѓу 10 и 20 цигари дневно — нивоа кои значително го зголемуваат ризикот од сериозни здравствени заболувања.

Мал број обиди за откажување и економски парадокс

Податоците за обидите за откажување се загрижувачки: само 10 проценти од испитаниците пробале да се откажат, а просечно најдолгиот период без цигари изнесувал два и пол месеца. Како најчести мотиви за откажување испитаниците ги посочиле високата цена на цигарите и советот од лекар, изјава Тамара Мијевиќ Спасова, програмска директорка на аналитика.

Истражувањето исто така покажува економски парадокс: додека реалниот раст на платите во анализираниот период изнесува околу 36 проценти, цените на цигарите пораснале за само 8,8 проценти — што значи дека цигарите станале подостапни во однос на просечната плата. Сепак, месечниот трошок за цигари по пушач е околу 4.800 денари, што на годишно ниво е повеќе од една просечна месечна плата.

Покрај здравствените последици, пушењето е и сериозно финансиско оптоварување за домаќинствата со најниски приходи: експертите проценуваат дека кај најсиромашните семејства со двајца пушачи трошоците за цигари може да достигнат и до 30 проценти од годишниот доход. Според нив, зголемување на цените би можело да ја намали бројката на пушачи за 8–9 проценти и годишно да спречи меѓу 6.000 и 8.000 млади да почнат да пушат.

Пред речиси една година Владата подготви предлог-закон кој предвидува целосна забрана за пушење во затворени јавни простори и во угостителски објекти, а под одредени услови и на тераси и во автомобили во присуство на деца. Предлогот опфаќа и ограничувања за продажба, увоз и рекламирање на тутунски и никотински производи, забрана за ароматизирани цигари и нивно отстранување од видното поле на купувачите во маркетите.

По долгите разговори со тутунската и угостителската индустрија, примената на законот, првично најавена за 1 март, беше одложена. Сега предлогот е во Собраниска процедура на второ читање. Министерот за здравство побара од пратениците да му дадат максимален приоритет, но посочи дека усвојувањето е само првиот чекор — потоа следуваат подготовка на теренот, обука на инспекциските служби и создавање услови за доследна примена.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи