Поради пожар затворен автопатот Требиње–Дубровник, евакуации и туристи вратени
Автопатот меѓу Требиње и Дубровник е затворен додека пожарникари од двете страни се борат со шумски пожар и селата се евакуирани.

Голем пожар денеска избувна во граничниот појас меѓу Босна и Хрватска, по што беше затворен главниот автопат што ги поврзува Требиње и Дубровник, а илјадници туристи беа принудени да се вратат.
Неколку села околу малото гратче Иваница во Босна беа евакуирани додека огнот се приближуваше до куќите. Локален пожарникар изјави дека дел од добитокот бил зафатен од пожарот.
Пожарникари од Дубровник пристигнуваат на помош
Пожарникарски екипи од блискиот Дубровник пристигнуваат за да им помогнат на босанските служби во гаснењето на шумскиот пожар. Босанската полиција го затвори многу прометниот туристички пат помеѓу Требиње и Дубровник, принудувајќи голем број посетители да ги менуваат плановите за одмор.
„Дојдовме да ја видиме областа, пределот на Требиње и да ја посетиме фамилијата и се обидовме денеска малку на море да одиме, но полицијата нè запре сега и не замоли да се вратиме назад. Тоа е поради пожарот, а патот е затворен. Ќе се обидеме да ги промениме нашите планови, можеби ќе се обидеме повторно утре“ – Александар Бошковиќ, турист од Србија.
Според локалните власти, пожарот се шири со дијаметар од над 16 километри, а до погодените предели е тешко да се пристапи поради тесните ридови и планини. Полицијата и противпожарните служби ги поддржува хеликоптер, но немилосрдната топлина и силните ветрови го тераат огнот да се шири кон копното.
Јужна Босна и Херцеговина е склона кон летни шумски пожари, но ова лето се смета за едно од најжешките и наjсушните во поновата историја; подолг период без дожд го направи земјиштето особено ранливо.
Фото: прес-материјал од настанот