Поранешен гувернер на Гереро уапсен поради наводно уништување докази за исчезнувањето на 43 студенти
ФГР наведува дека во новото разгледување е пронајдено дека поранешниот гувернер имал улога во прикривање снимки поврзани со исчезнувањето на 43 студенти во 2014 година.

Властите во Мексико уапсија на 6 август 2026 година поранешниот гувернер на сојузната држава Гереро, Анхел Хеладио Агире Риверо, откако Федералното обвинителство на Мексико (ФГР) објави дека во ново разгледување на случајот со исчезнувањето на 43 студенти е утврдено дека тој наредил уништување докази поврзани со настанот.
Нов преглед го откри можното прикривање на снимки
ФГР соопшти дека новото разгледување на случајот со студентите од Руралниот учителски факултет „Ајоцинaпа“, кои исчезнаа во септември 2014 година, ја потврдило „можната вмешаност" на Агире во „прикривање на докази". Студентите, сите млади мажи, исчезнаа откако автобусот со кој патувале кон Мексико Сити за протест бил запрен од општинската и од државната полиција.
Меѓународните истраги укажуваат дека веројатно припадници на организирани криминални групи ги убиле студентите, со можна вмешаност на полицијата. Последниот преглед, според обвинителството, открил индиции дека снимки настанати во моментот кога автобусот бил запрен биле сокриени по наредба од високи државни функционери.
Обвинителката Ернестина Годој нагласи дека имаат доказ дека сведок кој соработува со властите „го потврдил постоењето на видеоснимките“. Според неа, сведокот го идентификувал човекот кој ги „отстранил" снимките за да му ги „предаде директно" на Агире. Годој додаде дека сведокот долго време молчел оти добивал закани.
„Федералното обвинителство има докази дека таквата наредба за прикривање била издадена директно од тогашниот гувернер, со учество на високи државни функционери", рече Годој. Апсењето на Агире на 6 август е едно од најзначајните случувања во случајот „Ајоцинaпа“, кој предизвика голем револт и протести во Мексико Сити и други делови од земјата.
Досега се пронајдени останките само на тројца студенти. Во текот на годините за случајот се уапсени десетици осомничени, но никој досега не е осуден за злосторството, а дел од уапсените подоцна биле пуштени.
Фото: EPA-EFE/Francisco Guasco