Посвоените да имаат увид во Книгата на родените — бара „Градиме иднина“
Невладината „Градиме иднина“ бара пристап до Книгата на родените за лица посвоени во Македонија откако ќе наполнат 18 години.

Невладината организација „Градиме иднина“ побара укинување на членот 123‑а од Законот за семејство, со цел лицата посвоени во Македонија откако ќе наполнат 18 години да можат да добијат увид во Книгата на родените и да ги откријат своите биолошки родители.
Предлогот ќе отвори пристап до податоците за посвојувањата кои се водат како службена тајна
Според Јовановиќ од „Градиме иднина“, членот кој ги третира податоците за заснованите посвојувања како службена тајна, им го одзема на посвоените правото да ја утврдат својата генеалогија по наполнување 18 години.
„Ова го поттикуваме за да не дозволиме браќа, сестри, роднини од прво, второ и трето колено да стапат во љубовна врска. Си имаат запознавање меѓу нив, стапуваат во брак. После некое време преку нивната ДНК дознаваат дека тие всушност биле брат и сестра и разделени од нивното посвојување“, вели Илија Јовановиќ – „Градиме иднина“.
Невладината организација наведува дека во Македонија, според нивно истражување, меѓусебно се бараат 90 до 95 000 лица; дел од нив, велат, биле посвоени во земјите од поранешна Југославија во период кога законот дозволувал и странци да бидат посвоители. Исто така, многу оригинални документи за идентитетот на посвоените недостигаат.
„Исчезнување на медицинска документи, на мајчинската книшка, алките, бројчињата на родилката и на доенчињата. Но, тоа истражување ќе се промовира во релевантните институции“, додаде Јовановиќ.
Радиша Павловиќ од Државната комисија за собирање факти за статусот на новороденчињата за кои има сомнежи дека биле исчезнати од родилиштата во Србија посочи дека членот 123‑а е на сила веќе 24 години и дека бил воведен откако во Србија изби аферата за крадени бебиња од болниците во 1980‑тите.
„Имајќи предвид дека живеевме во заедничка држава некој се сетил, и ние имаме информации дека децата кои се земени од Србија преку некои центри, во Македонија се посвојувани, па повторно враќани во Србија“, рече Павловиќ.
„Многу голем процент на движење на децата меѓу Македонија и Србија. Меѓу Хрватска и Србија. Потоа доаѓа Словенија. Но, во принцип Македонија и Хрватска се во предност“, вели Миланка Момчиловиќ, член на Државната комисија.
Скопјанката Мирјана Митревска пред две години доби пресуда во нејзина корист од Судот за човекови права во Стразбур по тужба поврзана со членот 123‑а; судот се повикал на членот 7 од Конвенцијата за заштита на човековите права, кој што гарантира почитување на приватниот и семејниот живот.
Денеска во Министерството за труд и социјална политика ќе се одржи средба меѓу Јовановиќ и неговите гости од Србија и Словенија за да се дискутира предлогот за укинување на членот. Од Министерството најавија дека ќе објават соопштение по завршување на состанокот.
Фото: прес-материјал од настанот


