Потребен прифатен центар за повредени и сирачиња животни во Македонија
Последните случаи во Скопје и на Јакупица го обновија повикот за професионален и долгорочно финансиран центар за згрижување и рехабилитација.

Серијата случаи во кои кобила се ождреби на улица во Скопје, мече беше фатено во замка на планината Јакупица, а друго угина прегазено на автопат, повторно го отворија прашањето за потребата од прифатен центар за згрижување повредени, сирачиња или запленети егзотични животни во земјава.
Македонија години наназад нема национален прифатен центар за рехабилитација на автохтони диви видови и млади единки останати без родители, поради што спасувачки тимови и ветеринарни служби често се принудени да бараат привремени решенија. Потребата од ваков центар е препознаена одамна и беше појасно изразена во последните десетина години.
Инспекторатот за животна средина бара професионален објект
Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), кај кого се обратија повеќе институции во случаите за спас на двете мечиња, потврдуваат дека е потребен ваков прифатен центар и наведуваат што треба да вклучува.
„Прифатниот центар треба да претставува професионална институција за која ќе биде обезбедено долгорочно финансирање и, пред сè, ќе се грижи за доброто на единките кои припаѓаат на засегнати и заштитени диви видови животни. Во него треба да бидат вработени кадри кои ќе поминат соодветна обука за справување со диви животни, првенствено цицачи и птици, а центарот треба да биде под раководство на доктори по ветеринарна медицина. Прифатниот центар треба да има на располагање соодветни простории за каква било ветеринарна интервенција поврзана со здравствениот статус на животните. Освен тоа, оваа институција треба да располага со повеќе карантински простории и заградени живеалишта адаптирани на потребите на животните, каде што единките ќе можат да се рехабилитираат за да можат повторно да се вратат во природата“, велат од ДИЖС.
Активистите и инспекторите нагласуваат дека професионален центар би овозможил навремени медицински интервенции, контролиран процес на рехабилитација и, кога е возможно, повторно пуштање во природата, со што ќе се намалат долготрајните решенија во неадекватни услови.
За да се воспостави таква установа ќе биде потребно обезбедување стабилно финансирање, квалификуван ветеринарен персонал и координација меѓу спасувачки организации, инспекции и локалните власти, за животните да добијат соодветна грижа и шанса за враќање во природата.
Фото: прес-материјал од настанот


