Потрошени 800.000 евра за канализација во Табановце и Сопот, проектот недовршен
Жителите побараа објаснување од општината оти проектот за фекална канализација е блокиран поради нерешени имотно‑правни односи.

Проектот за изградба на фекална канализација во кумановските села Табановце и Сопот останува недовршен иако за работите се потрошени 800.000 евра, велат жители, поради нерешени имотно‑правни односи на дел од трасата.
На последната седница жителите побараа објаснување од Советот на Општина Куманово зошто изградбата е стопирана и што ќе преземе локалната власт за решавање на проблемите, оти сегашната инфраструктура нема никаква функција.
Одговор од општината
„Проектот започна со предвидената динамика, но поради нерешени имотно-правни односи изградбата запре на еден дел, а продолжи на делниците каде што беше извршена експропријација. Средствата се целосно искористени, проектот е затворен, а фекалната канализација не е ставена во употреба“, одговори Лидија Ланг-Спасовска, раководителка на Секторот за комунални работи во Општина Куманово.
Општина Куманово во 2021 година доби 47,7 милиони денари или 800.000 евра од Владата за изградба на фекална канализација со главен колектор и секундарна мрежа во пограничните села Табановце, Четирце и Сопот. Проектот требаше да се поврзе со системот во селото Долно Коњаре.
Средствата беа обезбедени преку Министерството за транспорт и врски, како дел од проектот ТАВ, откако пропадна идејата за изградба на карго‑аеродром во Штип. Изведувач на работите беше фирмата „Жикол“, а изградбата започна во декември 2021 година.
Жителите и дел од советниците алармираат дека делниците каде што е поставена инфраструктура остануваат нефункционални додека не се решат имотно‑правните прашања и бараат конкретен рок и правни чекори од општината за да се доврши проектот и да се стави во употреба.
Фото: СДК.МК)


