Истрагата во Скопје против двајца лекари од Куманово поврзани со жртвите на Трајко Бојковски е при крај
Предметот е префрлен во Скопје, побарана е дополнителна документација, а обвинителската одлука ќе следува по нивната проверка.

Истрагата против двајцата мртвопроверители од Куманово, кои за повеќе жртви на 25‑годишниот Трајко Бојковски од Старо Нагоричане впишале „починати од природна смрт“, е при крај во Скопје, соопшти Јавното обвинителство.
Обвинителите и истражителите велат дека доколку лекарите уште кај првиот случај биле уверени дека станува збор за насилна смрт, 25‑годишниот Бојковски можеби навреме ќе бил откриен, уапсен и осуден, со што би се спречиле следните напади.
Предметот е пренесен од Кумановското обвинителство во ОЈО Скопје затоа што кумановската канцеларија истовремено истражува други предмети или застапува обвиненија каде истите лекари учествувале претходно.
Барања за дополнителна документација
Полицијата ја поднесе кривичната пријава против двата лекари на 13 мај 2026 година. За полицајците кои излегувале на увид не е пронајдена одговорност бидејќи тие им верувале на лекарите кои утврдиле дека нема сомнеж за насилна смрт.
„Истрагата против двајцата пријавени лекари е при крај. Побарани се дополнително уште неколку документи во врска со нивното излегување на терен по пријава за смрт, по што ќе следува јавнообвинителска одлука од страна на ОЈО Скопје“, соопшти Јавното обвинителство.
Трајко Бојковски, 25‑годишен овчар од Старо Нагоричане, во октомври во Основниот суд Куманово беше осуден на доживотен затвор за свирепите убиства на четири жени и за уште два обида за убиство на постари, осамени и немоќни жени во кумановскиот крај. Според Кумановското обвинителство и суд, најсилниот мотив бил некрофилијата.
Фото: СДК.МК)


