Повеќе кучиња пронајдени мртви во Бутел, Анима мунди бара итна интервенција
Анима мунди тврди дека животните се отруени и повикува МВР и АХВ на итен увид и обезбедување докази.

Повеќе кучиња беа пронајдени мртви, едно покрај друго, на отворен јавен простор во скопската населба Бутел, а здружението за заштита на животните Анима мунди соопшти дека животните по сè изгледа се отруени.
Според информациите од Анима мунди, животните „личат како да се од исто легло“ и нивното предење едно покрај друго го отвора прашањето каде и како настанала нивната смрт.
Барање за итна интервенција од АХВ и МВР
„Крајно е необично и загрижувачки што сите се пронајдени на истото место. Дали биле отруени таму? Дали некој ги донел и ги оставил едно покрај друго? Имаат ли сопственик, зошто личат како загари од исто легло? Што точно се случило?“ велат од Анима мунди и бараат од МВР и АХВ итно да излезат на терен, да обезбедат докази и да ги проверат околните безбедносни камери.
Од здружението апелираат да се утврди потеклото на животните и евентуалниот сторител, предупредувајќи дека „отровот не убива само кучиња. Тој може да убие и друго животно, но и да убие за 5 минути човек, особено дете.“
Анима мунди бара итна истрага, институционално постапување и одговорност, порачувајќи дека не смее да се дозволи уште еден случај да заврши со институционална штама и заборав. Член 233 од Кривичниот законик предвидува санкции за убивање животни без оправдана причина и нивно мачење.
Засега нема јавна информација од институциите за евентуален увид или резултати од обдукција. Во објавата се наведува и предупредување дека видеото на местото може да предизвика вознемирување кај одредени лица.
Фото: прес-материјал од настанот


