Почетна
Македонија

Пожар кај струмичките села Баница и Водача; 11 активни жаришта низ земјата

Дирекцијата за заштита и спасување: 11 активни жаришта меѓу 20 регистрирани пожари, екипи од соседни општини се повикани на помош.

·Македонија
Пожар кај струмичките села Баница и Водача; 11 активни жаришта низ земјата

Попладнево избувна пожар во атарите на струмичките села Баница и Водача; градежна и земјоделска механизација прави засеци низ нивите за да се спречи проширување на огнените јазици кон населбите.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека на терен се струмичките пожарникари, а повикани се и екипи од соседните општини за да се стави под контрола огнената стихија која брзо се шири поради висока, сува трева.

Во овој пожар нема изгорени куќи, зафатен од огнот е само некој помошен објект, но и тој не е изгорен. Нема повредени лица, една возрасна госпоѓа не сакала да ја напушти својата викендица, но била присилно изнесена за да не настрада доколку огнот дојде дотаму.

Состојбата низ земјата

„Апелирам да не се создава непотребна паника. Сите пожари изгледаат страшно, но кога се блиску до град изгледаат многу страшно бидејќи тогаш се видливи за многу повеќе луѓе,“ рече Ангелов. Тој додаде дека денеска во земјава има пожари на 20 локации, од кои најмалку 11 се активни, и дека пожарникарите, доброволците и месното население учествуваат во нивното гаснење.

Ангелов наведе дека гори ниска трева и шума во атарите на три прилепски села, има пожари во кичевско, врапчиште и маврово-ростуше. „Имаме пожар којшто се шири на територијата на општина Студеничани во насока на планинското село Цветово, којшто се заканува на еден објект во којшто најверојатно имаме трло. Понатаму, пожар изби во текот на вчерашниот ден на територијата на општина Желино, атар на село Церово. Тоа е пожар зад мене, којшто се шири високо во ридиштата, гори неквалитетна шума, грмушки, трња, но може да ги загрози овие лозја коишто се зад мене. Претходно зборував со командирот на тетовските пожарникари, којшто ќе испрати овде екипи,“ рече Ангелов.

Поради високи температури кои се движат околу 40 степени, Ангелов предупреди дека бројот на пожари може да се зголеми во наредните денови и апелираше до граѓаните да направат засеци околу своите куќи и да го исчистат теренот од висока трева и грмушки за да ги заштитат домовите и објектите.

Автор: Викторија Јованова
Б.С.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи