Пожарот на Китка ставен под контрола, но Жеден повторно гори
По две недели борба пожарот на Китка е ставен под контрола, но нови пожари избувнаа кај Тетово и на Жеден — се апелира на внимателност и пријавување сомнителни лица.

Пожарот на Китка, по две недели интензивна борба, конечно е ставен под контрола, но надлежните предупредуваат дека останува ризикот од намерно потпалување. Од пладнево повторно гори планината Жеден, а пожар избувна и кај православните гробишта во Тетово со опасност да се прошири кон Шар Планина.
Се апелира до локалното население во Општина Студеничани да бидат внимателни и веднаш да ја известат полицијата доколку забележат сомнителни лица на подножјето на Китка.
Тетовските екипи се обидуваат да ја пресечат линијата на огнот
Пожарот кај Тетово избувнал откако оган од плевна се проширил кон ридот Балтепе. Тетовските пожарникари, со поддршка од полициски хеликоптер, работат на пресекување на линијата на огнот за да спречат тој да влезе во шума и да се прошири кон Шар Планина.
„Пожарот избувнал во стар објект-плевна. Ние по пријавата, дојдовме овде кај православните гробишта и пуштивме црева нагоре затоа што нема пат по кој може да се оди нагоре со противпожарни возила. Побаравме евакуација на луѓето од блиските куќи. Огнот го изгасивме кај плевната и со тоа спречивме да бидат загрозени блиските куќи, но продолжи да се шири во шумата и кон Калето“, изјави Авни Амети, командир во тетовската пожарна.
Силен пожар повторно има и на планината Жеден, во атарот на селото Копаница. Поради ветерот тој брзо се шири кон врвот на планината и гори сува вегетација.
Според информациите на ЦУК, во моментов активни пожари има во атарот на струшкото село Ливада каде гори ниска вегетација и стрниште и во Општина Чашка. Под контрола е пожарот кој од Гостивар се ширеше кон селата во Поречието, како и пожарите на депониите во Делчево и во селото Куклиш.
Напишал: Огнен Чанчаревиќ
Фото: прес-материјал од настанот